Министерството за надворешни работи преку државната информативна агенција МИА го објави интегралниот текст на вториот билатерален Протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017, согласно членот 12 од него. кој денеска во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Бугарија и Македонија, Теодора Генчовска и Бујар Османи. Потпишувањето на протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Во Протоколот, кој е записник од денешниот втор состанок на Заедничката меѓувладина комисија, клучни се втората и третата точка:
2. Усвојување на годишните извештаи за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
3. Усвојување на насоки за дејствување во исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија за следниот период.
Ова се вели во Протоколот за овие две точки:
ВТОРА ТОЧКА ОД ДНЕВНИОТ РЕД:
Владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија ги усвојуваат извештаите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања (наречена понатаму “Комисијата”) за периодот 10 јуни 2019 до 10 јуни 2022 г. со следните забелешки:
1. Во текот на наведениот период опфатен со извештаите, Комисијата има остварено 13 состаноци. Кон Протоколот, се приложуваат годишните извештаи за овој известителен период. Работата на Комисијата се оценува дека е под очекувањата споредено со Протоколот од состанокот на Заедничката меѓувладина комисија од 2019, согласно чл. 12 од Договорот од 2017.
2. Двете држави ја охрабруваат Комисијата да ја забрза својата работа и да се постигнат јасни резултати, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот од 2017.
Двете влади ја потврдуваат својата поддршка за работата на Комисијата и се ангажираат да создадат поволни услови за нејзина работа, ја охрабруваат да работи со поголема ефективност и за постигнување на конкретни резултати, врз основа на строго научна дебата и со цел претставување на факти и настани од заедничката историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, во образовните системи на двете држави.
Во својата работа Комисијата треба да се придржува кон одредбите на чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, односно “… да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски
извори кои се базирани на докази“. Согласно одредбите од договорот од 2017 год., работата на Комисијата не може да биде еднострано прекината.
Двете држави, преку надлежните министерства и единиците на локалната самоуправа, во рок од две години, да ги вклучат сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, во учебните програми, учебници и релевантните учебни материјали, а истите резултати да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост.
Двете држави ќе ги усогласат, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, методолошките упатства, учебниците и други релевантни учебни материјали, соодветно со препораките на Комисијата, во период не подолг од две години по нивното одобрување од Заедничката комисија по чл. 12.
При изучувањето, оригиналите на соодветните историски извори и литературни текстови, да бидат достапни, да се користат и презентираат од соодветните образовни институции.
Сите идни резултати од работата на Комисијата ќе се објавуваат заеднички од двете држави во рок од шест месеци по усвојувањето на договорените текстови од Заедничката меѓувладина комисија по член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Ако тоа не е направено во посочениот период, секоја држава ќе има право да ги објави самостојно.
ПО ТРЕТА ТОЧКА ОД ДНЕВНИОТ РЕД
Во согласност со Договорот од 2017 и заедничкиот интерес за зацврстување на добрососедските и партнерски односи, двете држави се ангажираат да работат за исполнување на следните мерки:
Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, со разбирање дека следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ.
I. Мерки кои треба да бидат преземени пред Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори
Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако во сила ќе влезe измената на Уставот на
Република Северна Македонија за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување.
Владата на Република Бугарија изразува подготвеност веднаш по усвојувањето на заклучоците на Советот на Европската унија согласно конечниот предлог на Француското претседателство да ги повлече своите резерви за склучување на предлог Договорот меѓу Европската унија и Република Северна Македонија за статусот на Фронтекс-Frontex.
Владата на Република Северна Македонија во согласност со чл. 11 ал. 5 од Договорот од 2017, потврдува дека ништо во нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статутот и правата на лица, кои не се граѓани на Република Северна Македонија.
Двете држави да разменат, согласно член 12 од Програмата меѓу владата на Република Северна Македонија и владата на Република Бугарија за соработка во областа на образованието и науката, копии од сите образовни програми, учебници, учебни помагала и други релевантни учебни материјали во образовните програми на двете држави.
Говор на омраза
Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.
Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.
Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.
Рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период
Владата на Република Северна Македонија, во согласност со “Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година” усвоена во 2006 год. од Собранието на тогашната Република Македонија и во духот на Резолуцијата на Европскиот парламент за Европската совест и тоталитаризмот од 2009 год., да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите.
Владата на Република Северна Македонија изјавува дека ќе ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително
полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи.
Бугарија изјавува дека веќе овозможила и ќе продолжи да овозможува пристап кон архивите на репресивниот апарат на поранешните служби на државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање, со што создаде јасни можности за слободен, неограничен и благовремен достап, за проучување и право за употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи.
Темата за историјата
По потпишувањето на овој Протокол, државите ќе ги објават на интернет страните на двете влади сите веќе усвоени препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, во рок од еден
месец.
Согласно чл. 8 ал. 3 од Договорот, двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности.
Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Северна Македонија на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе разработи и реализира план за работа, кој предвидува одржување на 8 до 10 состаноци на годишно ниво.
II. Мерки кои треба да бидат превземени по одржувањето на Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори
Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната година 2023-2024 да ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение, заради неосновани етнички/територијални претензии.
Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета.
Двете страни се обврзуваат последователно меѓусебно да се информираат за сите промени во содржината на сите учебници, учебни помагала и методолошки поими во своите образовни програми и да достават копии од новите изданија.
Говор на омраза
Двете држави преку дипломатските канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали, како и во јавниот простор на територијата на другата држава, и да информираат во разумен рок за
преземените активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификуваните случаи на говор на омраза.
Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство,
добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект.
Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенција на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе одвраќаат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности кои би ги повредиле нивните односи.
Рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период
Владата на Република Северна Македонија, во рок од една година, да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително
полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 г. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално складирање и заштита на соодветните документи.
Владата на Република Бугарија ќе ги сподели своите искуства во оваа област, вклучително во однос на создавањето на специјализиран централизиран архив, врз основа на преземеното законодавство од оваа област од страна на државата во текот на 2006 г. Бугарија ќе продолжи да обезбедува пристап во архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање, со што ќе продолжи да создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, публикување и
институционално складирање и заштита на соодветните документи.
Темата за историјата
Двете држави да се придржуваат кон одобрените текстови од Заедничката меѓувладина комисија по чл. 12, како основа за организирање на заедничко или индивидуално чествување, како и да се придржуваат кон нив во јавните говори и изјави за заеднички личности и настани за кои се организираат ваквите чествувања.
Двете држави, преку надлежните институции, да подготват и претстават предлог текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата во однос на настани и историски личности од заедничката историја, за кои Комисијата постигнала согласност – кои ќе бидат приложени кон Протоколот за следниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија по член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во иднина да ги вклучат во соодветните учебни програми, учебници и други релевантни учебни материјали, а истите да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на табли, историски споменици, споменици и информациски материјали во музеи и други објекти од образовно и културно значење, како и во информативни медиуми во јавна сопственост.
Двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол.
На следниот состанок на Заедничката комисија по чл. 12 од Договорот, двете држави да ги одобрат препораките на Комисијата за целиот период кој го опфаќа Средниот век.
Во согласност со заклучокот 3 од Точката 3 на Протоколот од првата Заедничка меѓувладина конференција од 2019, владите на двете држави да ја охрабрат Комисијата во рок од една година да подготви и да им предложи на двете влади препораки за заедничкото одбележување и чествување на заеднички личности и настани.
Двете држави, не покасно од учебната 2024-2025 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.
Двете држави да продолжат да ја поддржуваат и охрабруваат работата на Комисијата, за да ги извршуваат започнатите ангажмани за да ги хармонизираат релевантните учебници и учебни програми, во согласност со резултатите од работата на Комисијата, одобрени од двете влади.
Двете држави ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини
препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ.
Република Северна Македонија ќе преземе мерки со кои ќе осигура ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во Република Северна Македонија:
Постигнување на одржливи резултати за превенција и реакција против појавите на јазик на омраза против Бугарите во Република Северна Македонија во јавниот простор во Република Северна Македонија.
Постигнување на одржливи резултати во превенцијата, истрагата и гонењето кај кривични дела од омраза, појава на јазик на омраза и дискриминација против Бугарите во Република Северна Македонија.
Преземање на ефективни мерки за подигнување на свеста, односно институционалните механизми за правата на човекот и подигнување на довербата на Бугарите во Република Северна Македонија кон тие механизми и националните институции.
Постигнување на одржливи резултати за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, како и за слободно употребување на симболите на нивната заедница.
Со потпишувањето на овој Протокол, Бугарија потврдува дека ќе даде согласност за усвојување на конечниот предлог на Француското Претседателство со Советот на ЕУ од 30 јуни 2022 за усвојување на Преговарачката рамка и одржување на меѓувладините конференции за почеток и комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори на Северна
Македонија со ЕУ.
Потпишан во Софија на 17 јули 2022 година, во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на државите – бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик, согласно Уставот на Република Северна Македонија, така што двата текста имаат еднаква сила.