ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР ГО ИЗБРИША БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“

    ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР ГО ИЗБРИША БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“Комисијата за употреба на имиња на личности утврди дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ. (Фото: принтскрин)

    Бугарскиот клуб од Битола кој го носи името на Ванчо Михајлов попладнево е избришан од Централниот регистар откако пред една седмица министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива како неосновано барањето за одобрение за користење на името на Михајлов во називот на бугарскиот Културен центар во Битола.

    Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности, која наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ.

    Бугарските клубови во државата имаа рок до 16 февруари да ја усогласат работата со измените во Законот за здруженија и фондации. Според нив, во називот не можат да користат имиња на личности што се поврзуваат со национална, етничка нетрпеливост, геноцид, поддршка на нацизам и фашизам.

    Сепак, до денес бугарскиот клуб од Битола не го смени името. Останува да се види дали од утре ќе ги отстрани и таблите со името. Клубот е отворен во некогашното еврејско маало. Деновиве граѓанин на Битола во јавноста излезе со иницијатива улицата каде е бугарскиот клуб да се преименува во „Жртви на холокаустот“.

    Претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Љупчо Ѓоргиевски најави дека постапката ќе ја обжали во Судот во Стразбур.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира