Неофицијалните пунктови за собирање помош за подрачјата погодени од поплавите продолжуваат со работа, иако од Црвен крст информираа дека, почнувајќи од денеска, помош за настраданите ќе се собира само во магацините на Црвен крст во Момин Поток и во училиштето Наум Наумовски-Борче.
“Целата организација околу донациите од денеска ќе ја преземе Црвениот крст. Секој што сака да донира, тоа може да го направи во Момин Поток или училиштето Наум Наумовски Борче, а ние од таму со камиони ќе носиме од куќа до куќа” изјавија од Црвен крст за “Мета”.
Активистите, кои се самоорганизираат на социјалните мрежи и имаат отворено пунктови на неколку локации во Скопје, од кои најголем е оној кај “Веро Џамбо”, велат дека никој не може да ги спречи да собираат и да носат помош до настаданите.
“Ве известуваме дека веста не е точна и дека ниту еден пункт не е затворен, ниту ќе биден затворен. Апелираме до Црвениот крст да не пласира вакви невистини, коишто најмалку се потребни во ваков период.
Сите пунктови коишто се организирани на социјалните мрежи функционираат со целосна посветеност на волотерите, секој добиен продукт се маркира со ознака “H” и се носи секаде каде што е потребно – за што може да посведочат и сите граѓани коишто се имаат обратено за помош до администраторите и модераторите на групата”, соопштија на Фејсбук групата “Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје”.