СО ЦВЕЌЕ НА ПРУГАТА БИТОЛА СЕ ПОТСЕТИ НА ТРАГЕДИЈАТА НА 3.000 ЕВРЕИ ДЕПОРТИРАНИ ВО 1943

    СО ЦВЕЌЕ НА ПРУГАТА БИТОЛА СЕ ПОТСЕТИ НА ТРАГЕДИЈАТА НА 3.000 ЕВРЕИ ДЕПОРТИРАНИ ВО 1943Јоси Соломон Монастирли, за време на комеморацијата пред Железничката станица стави жолта ѕвезда на градите и кажа дека во спомен на градот од каде што потекнува, нејзиното семејство го носи и презимето Монастирли.- (Фото: Ж. Здравкоска)

    Со цвеќиња се покри пругата од Железничката станица во Битола во спомен на над 3.000 Евреи од градот кои на денешен ден пред 75 години  со вагони беа депортирани до Скопје, а потоа и до  логорот Треблинка. Цвеќињата ги оставија над илјада битолчани, Евреи од Израел и други гости кои зедоа учество во таканаречениот Марш на живите. Маршот тргна од местото кое некогаш беше нарекувано Еврејско маало и помина дел од патеките што на 11 март 1943 година ги поминаа битолските Евреи измолкнати од домовите и однесени на станицата. Екотот на сирените симболично го претстави свирежот на возот, а хористи од Израел пееја молитви.

    На пругата беа оставени цвеќиња и германското знаме. Во комеморацијата во Битола се вклучија Израел и Германија (Фото: Ж. Здравковска)

    Денес во Битола нема Евреи, но маршот барем на неколку дена ги врати потомците на старите битолски еврејски семејства. Една од нив Јоси Соломон Монастирли, за време на денешните комеморативни активности стави жолта ѕвезда на градите и кажа дека во спомен на градот од каде што потекнуваат, нејзиното семејство го носи и презимето Монастирли.

    „Мојот прадедо живееше во Битола. Потоа се пресели во Израел. Но, ме задои со приказните за овој град. Кога како возрасна посакав да дојдам во Битола, сите ми велеа таму нема ништо останато од еврејската заедница. Но, дојдов, а кога отидов на гробиштата ми се вратија сите тие имиња на битолски семејства што ги спомнуваа моите. Одлучив да помогнам во реставрацијата на гробиштата“, рече Соломон Монастирли.

    Цвеќе на пругата остави и Шели Леви Друмар, внука на Евреинот Хаим Абраванел, првиот интернист во Битола, чие име денес го носи Здравствениот дом во Битола. Животот на познатиот лекар Абраванел(1896-1984) од Пирот, за време на Втората светска војна го спасил Арслан Резничи, жител на Ѓаковица, тогаш Кралство на Југославија, денес Косово. Муслиманот чие име се наоѓа на списокот на „праведници меѓу народите“ и според некои извори им помогнал на 43 еврејски семејства,  му го спасил животот и на Абраванел. На ваков чекор се одлучил поради благодарноста кон лекарот кој му ги излекувал децата од тифус.

    Комеморација на Широк сокак. Маршот одеше од поранешното Еврејско маало до Железничката станица од каде што во 1943 година Евреите од Битола биле транспортирани за Скопје, а потоа за логорот Треблинка (Фото: Ж. Здравковска)

    Имено, докторот бил заробен во воен логор, а семејството Резничи му помогнало да побегне давајќи му да облече женска носија. Абараванел го преживеал Холокасутот, по што работел како доктор во Битола. По трагедијата што му се случила за време на земјотресот во Скопје 1963 година, кога ги изгубил ќерката, синот и зетот, ја зел внуката и се преселиле во Израел.

    „Тука сме да ја оживееме меморијата на оваа еврејска заедница која беше тука и живееше повеќе од илјада години и исчезна“, рече внуката Друмар.

    Претставниците од Израел рекоа дека пред два месеца имало обид во Полска за одрекување од Холокаустот и дека вакви слични инциденти се појавуваат на други места, па затоа комеморациите се важни за светот да извлече поука од злото и да не се заборави.

    На комеморацијата присуствуваше претседателот на Собранието, Талат Џафери и амбасадорот на Израел, Дан Оријан.

    „Собранието се вклучи во 75 годишнината од депортацијата на Евреите. Продолжуваме утре со седница во Собранието на која ќе се прочита и декларацијата на Собранието што ја донесовме како спротивставување на такви можни настани и укажуваме дека човештвото не треба да дозволи такви настани воопшто да се случуваат. Со овие активности покажуваме дека граѓаните на Македонија ги паметат своите сограѓани“, рече Талат.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира