УАПСЕН 87-ГОДИШЕН ПИРОМАН ОД СКОПЈЕ, СО ЗАПАЛКАТА ВО ЏЕБ СО КОЈА ПРЕДИЗВИКАЛ ПОЖАР

    УАПСЕН 87-ГОДИШЕН ПИРОМАН ОД СКОПЈЕ, СО ЗАПАЛКАТА ВО ЏЕБ СО КОЈА ПРЕДИЗВИКАЛ ПОЖАРПодметнувачот во полициска станица го признал делото (Фото:СДК.МК)

    Полицијата вчера го уапсила лицето Х. Р. (87) од Скопје зашто го предизвикал пожарот во близина на Француските гробишта на улица Самоилова.

    Пироманот бил начекан од полицијата баш на местото каде што настанал пожарот. При претрес кај него била најдена запалката со која ја потпалил сувата трева и го предизвикал пожарот.

    Х. Р. бил приведен во полициска станица и во разговор со полициски службеници го признал делото. Тој ја потпалил тревата вчераутро. Набргу се разгорела, но со брза интервенција на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, бил изгаснат.

    По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава до Обвинителството.

    Со 87-годишниот подметнувач од Скопје, полицијата од почетокот на масовните пожари привела 15 лица, под сомнение дека ги подметнале или ги предизвикале.

    Во СВР Струмица е приведено 30-годишното лице Д. К. од Баница за пожар кој настанал истиот ден кај крстосницата Дабиле-Сачево. Во СВР Охрид, е приведен Б. М. (60) од Дебар, за пожар во атарот на Бомово.

    Во саботата биле приведени три лица за предизвикување пожар кај Страхојадица, скопско, при што била опожарена сува трева и нискостеблеста шума.

    За пожарот кој настана во кругот на ОХИС, пак, полицијата утврди дека С .А.(35) од Кавадарци го предизвикал, додека вршел заварување на ограда во кругот на фабриката.

    Претходно, на 6 август биле приведени три лица за предизвикување или подметнување пожари, и тоа во гостиварско, прилепско и радовишко.

    На 5 август, СВР Битола-ОВР Ресен го привел К. С. од ресенското село Лева Река поради сомнение дека го предизвикал пожарот во селото, а ден претходно уапсен бил Л. А. (32) од Република Албанија за кој постои сомнеж дека при илегален престој во државата го подметнал пожарот над гостиварско Пожаране.

    Во меѓувреме, полициски службеници постапуваат и во врска со осомниченото лице за пожарот во Старо Нагоричане и двете осомничени лица за пожарот кој на 3 август беше пријавен пред село Блаце кон Катланово. Кривични пријави поднесува и за прекршување на забраната за движење во шума.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира