УАПСЕН ТОНИ ЈАКИМОВСКИ, ЕКСШЕФОТ НА КАБИНЕТ НА МИЈАЛКОВ

    УАПСЕН ТОНИ ЈАКИМОВСКИ, ЕКСШЕФОТ НА КАБИНЕТ НА МИЈАЛКОВТони Јакимовски е меѓу четворицата уапсени по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, осомничени за злоупотреба на службената положба

    Обвинителката Вилма Русковска издаде наредба за апсење на Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, за злоупотреба на слушбената положба. Јакимовски, кој денеска присуствуваше како обвинет за масовното незаконско прислушување во случајот на СЈО „Тврдина-Таргет“, впрочем и не ја напушти судницата во Основниот суд Скопје 1. Тој е уапсен од полицијата за организиран криминал и корупција од МВР и уште е во судот, а покрај него упасени за овој случај се и уште тројца сега веќе пензионирани вработени во УБК.

    „Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, македонски државјани. Лицата се осомничени дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 50.670.000,00 денари”, соопшти ОЈО за организиран криминал.

    Имено, во периодот од јануари 2007 година до мај 2017, осомничените како службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“, вели Обвинителството.

    „Во наведениот временски период, во 172 наврати, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“ ги уништувале, без посебно одобрение од директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 50.670.000,00 денари”, прецизира Рускоска.

    Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител до Судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1- Скопје, достави предлог за определување на мерката -притвор за осомничените.
    Се очекува вечерва да има одлука на судијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира