УАПСЕН ВРАБОТЕНИОТ ВО НАРОДНА БАНКА КОЈ ОД ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“ ГО ЗЕМАЛ ЗА ДА ГО УНИШТИ ОРУЖЈЕТО СО КОЕ ПАЛЕВСКИ ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕ

    УАПСЕН ВРАБОТЕНИОТ ВО НАРОДНА БАНКА КОЈ ОД ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“ ГО ЗЕМАЛ ЗА ДА ГО УНИШТИ ОРУЖЈЕТО СО КОЕ ПАЛЕВСКИ ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕСега, осомничениот З. Д. во истрагата ќе треба да каже каде го однел синиот ранец со пиштолот, по наредба на тогаш избеганиот во Турција Палевски. (Фото: К. Попов)

    Штом обвинетиот Велибор Манев денеска НА СУДЕЊЕТО во завршните зборови ненадејно откри кој го зел толку бараниот пиштол со кој првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо ги убил 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, судијата даде пауза, обвинителката излета од врата и веќе е уапсен З. Д., вработен во Народната банка.

    Сега тој во истрагата ќе треба да каже каде го однел синиот ранец со пиштолот, по наредба на тогаш избеганиот во Турција Палевски.

    Велибор Манев на самиот крај на судењето денеска револтиран што Палевски него го мести за убиствата и особено што, како што рече, го измамил дека само ќе грабаат луѓе за откуп и ќе ги ослободуваат, а место тоа Палчо ги убивал со пиштолот, реши дека ќе го каже човекот што дошол во партијата, го зел оружјето и го однел да го уништува.

    „Бидејќи ме нарече лажго и сака да ми натовари вина дека јас сум ги убил Вања и Панче, еве ќе кажам дека лично тој ми се јави од турска граница и ми рече да му се јавам на З. Д. од Народна банка, член на Десна. По израз на Палевски, ми рече да му се јавам на З. Д. ‘пакетот’ да го отстрани откај него, да го фрли и уништи. Да не може да се најде. После тоа морав да го известам дека сум се јавил и сум пренел порака. Лажев за него, иако го има на камерите“, кажа Манев за ранецот со оружјето, што во разговор со тогаш избеганиот Палевски го нарекувале пакет.

    Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, во завршниот збор денеска побара ослободителна пресуда и најави дека ако е осудителна, ќе биде обжалувана и во Врховниот суд ако треба, а потоа ќе биде поднесена тужба и до Судот за човекови права во Стразбур. Кажа дека тој е обвинет само со 17 докази, од кои ниеден не е конкретен и директен. Адвокатот рече дека нема трага, слика, снимка, сведок дека тој ги извршил кривичните дела – организирање на грабнувањата на Панче Жежовски и на малолетната Вања Ѓорчевска, како и нивно убиство потоа.

    Велешанецот Жежовски беше убиен на 22 ноември 2023, а скопјанката Ѓорчевска на 27 ноември. Обвинителството побара доживотен затвор за сите обвинети, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев. Обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за помагање во грабнувањето на неговото дете, што тој изрично го негираше.

    Пресудата ќе биде изречена на 25 јуни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира