УАПСЕНИ ЧЕТВОРИЦА ОД БАНДАТА МАЛОЛЕТНИЦИ КОЈА СО МЕСЕЦИ НАПАЃА И ОГРАБУВА ВРСНИЦИ ВО ЦЕНТАР, А ГИ ТЕПА И ДЕЦАТА ВО ОУ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“

    УАПСЕНИ ЧЕТВОРИЦА ОД БАНДАТА МАЛОЛЕТНИЦИ КОЈА СО МЕСЕЦИ НАПАЃА И ОГРАБУВА ВРСНИЦИ ВО ЦЕНТАР, А ГИ ТЕПА И ДЕЦАТА ВО ОУ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски вели дека ќе бара зголемување на бројот на полициски патроли низ Центар и нема да прифати изговор дека е изборен процес и полицијата треба за митинзи. - Училиштето „Гоце Делчев“ каде што редовно оперира бандата (Фото:СДК.МК)

    По 4 пријави од родители на ученици од основното училиште „Гоце Делчев“ кое се наоѓа веднаш до полициската станица „Беко“ во центарот на Скопје, и по пријави од повеќе нивни врсници, но и од адолесценти за физички напад и ограбување, полицијата уапси дел од бандата малолетници која со месеци напаѓа и ограбува претежно деца.

    Кај едниот од малолетните напаѓачи најдени се нож и боксирач. Полицијата објави дека овие малолетници извршиле повеќе кривични дела на територијата на Центар. Тие се осомничени дека нападнале малолетници во школскиот двор на „Гоце Делчев“, потоа на други малолетници, но и на двајца 20-годишни минувачи во Градскиот трговски центар.

    Четворицата уапсени насилници ќе ги презеде обвинител за малолетници, кажа МВР, откако по документирање на насилствата, полицијата ќе поднесе соодветни пријави против нив.

    Во саботата вечер оваа банда, која патем брои 12 малолетници, по четврти пат за 10 дена дојде да ги малтретира децата дојдени во дворот да се дружат и да играат. Бидејќи претходните три напада родителите ги пријавија, а ниту полициска патрола ги заштити нивните деца, ниту бандитите ги фати, тие се самоорганизираа и дојдоа да  им чуваат стража додека спортуваат, седат, се дружат.

    Малолетната банда од агресивни деца дошла, но наишла на родителите. Се разбегале, но полицијата фатила четворица. Токму овие родители – очевидци се јавија вчера во САКАМДАКАЖАМ.МК и рекоа дека полицијата ги начека малолетните напаѓачи.

    Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски вели дека подолго време малолетни насилници вршат кривични дела во Дебар Маало, во ГТЦ и на други места во центарот на Скопје, поради што најави дека ќе бара дополнителни полициски патроли.

    „Полициски патроли има, тие се видливи, но повеќе се во Дебар Маало. Како што затоплува, заради зголемена безбедност на децата и воопшто на граѓаните, ќе бараме дополнителни полициски патроли на територијата на општина Центар. ‘Предизборие било, полицијата требала за изборите’…  нас тоа не нè интересира. Никој не ми кажал дека трипати тие малолетни насилници доаѓале во дворот на училиштето да малтретираат деца, но утринава бев известен дека полицијата фатила четворица и оти сега се расветлуваат повеќе настани што тие ги извршиле во Центар“, вели Герасимовски.

    МВР има загрижувачка статистика за тоа колку се зголемил бројот на насилнички настани низ годиниве.

    Во 2021 година има 27 за цела година, а во 2023 година 102 регистрирани насилнички однесувања помеѓу малолетни лица, од кои најмногу во Скопје.

    Во 2021 година регистрирани се 27 настани на насилничко однесување, помеѓу ученици, притоа не биле регистрирани потешки инциденти. Според подрачјето, најголем број настани се регистрирани на подрачје на СВР Тетово – 11. Најмногу насилства се извршени во основни училишта – 15, а 12 во средните училишта. Во однос на временскиот период, нападите најчесто се извршени за време на големиот одмор, во училишниот хол или во дворот, додека според видот, речиси во сите случаи се работи за физички напади помеѓу поединци. Од страна на Министерството, преземени се мерки против нарушителите, за што против едно лице поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, поднесени се и 14 барања за поведување прекршочна постапка против 26 лица за сторени 14 прекршоци и тоа најмногу за „занемарена грижа на дете“-седум, „физички напад“ – пет прекршоци и „учество во тепачка“ – два прекршоци, а поднесени се и три известувања до ОЈО., 105

    Во 2022 година, регистрирани се 75 настани на насилничко однесување. Подрачја со најголем број на регистрирани настани се Секторите за внатрешни работи Скопје – 26 и Тетово-24. Таа година најмногу насилства се извршени во основни училишта – 43, а 32 нарушувања се во средни училишта. Нападите најчесто се вршеле во училишните дворови или во училниците. Според видот, речиси во сите случаи се работело за физички напади извршени поединечно, кај дел од нападите мотив биле претходните расправии меѓу учениците. Против нарушителите, преземени се мерки при што три лица се кривично пријавени за сторени кривични дела „насилство“, а против 68 лица поднесени се 39 барања за поведување прекршочна постапка за сторени прекршоци од ЗППЈРМ, од нив најмногу се за сторен прекршок „физички напад“.

    Во 2023 година се регистрирани се 102 настани на насилничко однесување помеѓу ученици, од кои најголем број се регистрирани на подрачје на Скопје – 40. Министерството презело соодветни мерки против нарушителите, при што поднесени се десет кривични пријави за кривични дела „насилство“, „насилство врз дете“, „малтретирање во вршење служба“, „тешка телесна повреда“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, а поднесени се и пет известувања до Основното јавно обвинителство. Покрај тоа, против 102 лица поднесени се 60 барања за поведување прекршочна постапка за сторени прекршоци од Законот за прекршоци, во најголем дел за „физички напад“ и „учество во тепачка“ и против родителите за занемарена грижа во врска со истите прекршоци.

    Се чека статистиката за јануари, февруари, март и април оваа година, што се совпаѓа со предизборниот период.

    Оваа статистика двапати годишно ја добиваат и советниците на секоја општина, проследена со анализи, за да се види ефикасноста на локалната полиција. Советничката во општина Центар Јана Белчева од „Шанса за Центар“ вели дека статистиката дава само број и видови на извршени кривични дела на ниво на општината, нема прецизна анализа на извршени кривични дела по места, региони во општината или по точно наведени улици.

    Сувите бројки, вели таа, не може да им даде показател на советниците не само каде најмногу се случуваат одредени кривични дела и со тоа се загрозува безбедноста на граѓаните во општина Центар во случајов, туку оневозможува  избраниците на граѓаните да конципираат политики во нивна корист, а и Советот да ѝ помогне на полицијата. На пример, не се кажува во тие статистики каде граѓаните најмногу пријавуваат бучавост. Прецизните лоцирања на пријавите за сторени кривични дела на територијата на општината, им се потребни на советниците за да обезбедат поставување на осветлување на тие темни места, итн.

    Белчева потсетува дека на барање на родители на ученици од ОУ „Коле Неделковски“ кои направија петиција за поголема безбедност на нивните деца загрозени од банди малолетници, полициски патроли во Дебар Маало имаше. Сега, вели таа, нема.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира