УБЕДЕН СУМ ДЕКА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТОВИ ЌЕ ОТСТАПАТ ОД НАЈАВАТА ЗА ШТРАЈК ЗА НОВА ГОДИНА, РЕЧЕ БОЧВАРСКИ

    УБЕДЕН СУМ ДЕКА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТОВИ ЌЕ ОТСТАПАТ ОД НАЈАВАТА ЗА ШТРАЈК ЗА НОВА ГОДИНА, РЕЧЕ БОЧВАРСКИНа сите прашања се работи во координација со Синдикатот, рече Бочварски во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека по вчерашната средба со Синдикатот на контролорите за летови е убеден оти тие ќе отстапат од најавениот штрајк од 31 декември до втори јануари, зашто заклучиле дека интересот на граѓаните и на државата се над сè.

    „Имав вчера многу продуктивен разговор со претседателот на Синдикатот, мислам дека беше многу корисен. Ние на минатата средба во октомври имавме четири прашања кои беа отворени. На сите прашања се работи во координација со Синдикатот. Остана уште едно прашање на кое вчера дискутиравме. И граѓаните да бидат сигурни дека правиме сè, правиме напори и убеден сум дека контролорите од таа најава ќе отстапат. Тие ќе имаат свој состанок, но по она што го дискутиравме и двајцата заклучивме дека интересот на граѓаните и на државата мора да биде пред сè и над сè“,  рече Бочварски во Битола, каде присуствуваше на пуштањето во употреба на реконструираниот пат до грчка граница.

    Синдикатот на контролорите на летање најави штрајк за новогодишните празници за да спречи нов бран партиски вработувања, а директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди потоа изјави дека не е точно оти распишал оглас за самостоен советник во Одделение за човечки ресурси што траел само два дена и дека тоа било грешка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира