КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ НЕ ТРЕБА ДА ШТРАЈКУВААТ ЗА НОВА ГОДИНА, ОГЛАСОТ ЗА СОВЕТНИК ЗА КАДРОВО ШТО ТРАЕШЕ САМО ВИКЕНДОВ Е ГРЕШКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ФАХРУДИН ХАМИДИ

    КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ НЕ ТРЕБА ДА ШТРАЈКУВААТ ЗА НОВА ГОДИНА, ОГЛАСОТ ЗА СОВЕТНИК ЗА КАДРОВО ШТО ТРАЕШЕ САМО ВИКЕНДОВ Е ГРЕШКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ФАХРУДИН ХАМИДИОгласот објавен во Aгенцијаta за вработување кој траеше од петок до недела за кој директорот тврди дека е грешка. (Фото: Принтскрин од веб страна на Агенција за вработување)

    Директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди се надева дека нема да се реализира штрајкот на контролорите на летање од 31 декември до втори јануари, што го најави Синдикатот на контролорите за да спречи нов бран партиски вработувања. Тој тврди дека дека не е точно оти распишал оглас за самостоен советник во одделение за човечки ресурси.

    Но, на веб страната на Агенцијата за вработување стојат два објавени огласи од М-НАВ, кои се со рок од само два дена од 14 до 16 и од 15 до 17 декември и тоа баш за „самостоен советник за кадровски прашања“ и за „воздухопловен навигатор“.

    Директорот Хамиди вели дека тие огласи „сигурно се некоја грешка“ и дека в понеделник ќе провери со Агенцијата затоа што адресата за е-пошта  што е ставена за контакт е на госпоѓа која во 2016 заминала во пензија. Но, в понеделник рокот за пријавување на овие два огласи веќе ќе биде истечен.

    Во петокот Синдикатот на контролорите на летање ги видел овие огласи објавени на веб страницата на Агенцијата за вработување и веднаш му испрати предупредување дека ако не ги повлече истиот момент, за Нова година ќе нема летови. Ќе штрајкуваат сите контролори.

    Директот Хамиди вели дека валидни се само огласите објавени во весниците „Вечер“ и „Коха“ објавени минатата недела. Во писмен допис тој објаснува дека „објавените огласи се во согласност со финансискиот план за 2023 година, одобрен со одлука од Владата и добиена согласност од Министерството за Финансии. Запазени се законските рокови утврдени во законот за работни односи и огласите се со рок за пријавување од 10 дена, а не се со рок од 2 дена како што е изнесено во јавноста од страна на претседателот на Синдикатот Александар Тасевски“.

    Но, за Синдикатот е спорен и огласот за 10 вработувања објавен во весниците, кој трае 10 дена, иако во петчасовните преговори на 11 октомври, за да се спречи најавениот штрајк на 12 октомври, директорот Хамиди се согласил отсега натаму огласите да траат најмалку две недели, за да може да ги видат сите заинтересирани граѓани и да имаат време да соберат документи и да се пријават, а не само наместените кандидати испратени од партиите.

    Хамиди вели дека ќе се примаат само кадри од суштинско значење за МНАВ, бидејќи им се потребни кандидати од професионален, оперативен профил, инженери, техничари и метео персонал, оператор во центар за одобрување на летови, како и преведувач од македонски на албански јазик, што е законска обврска.

    „Потребата за деловен асистент во секторот за воздухопловна навигација и самостоен советник-сметководител во одделение за финансии е неопходна за тековно функционирање на М-НАВ“, стои во одговорот на Хамиди за обвинувањата на Синдикатот дека се измислуваат работни места со висока плата.

    За огласот објавен на страната на Агенцијата за вработување на местото „советник за кадровски работи“ за кој Хамиди вели дека е грешка, претседателот на Синдикатот Тасевски вели дека е наместен за бившиот директор Миѓен Селмани, кој беше еден од причините за најавата на штрајкот на контролорите на летање во октомври годинава.

    Огласот за кој Синдикатот се сомнева дека е наместен за поранешниот директор Миѓен Селмани (Принтскрин од веб страна на Агенција за вработување)

    Тасевски обвинува дека менаџментот под раководство на директорот Фахрудин Хамиди го прекрши договорот постигнат пред министерот за транспорт Благој Бочварски, и на мала врата во претпразничната гужва, има намера со краткотрајни огласи да изнабута во М-НАВ партиски и роднински луѓе.

    Од друга страна пак, директорот вели дека откако е дојден на оваа функција по систематизација укинал 90 работни места кои биле несуштински за институцијата. „Во 2022 потпишав бројка со Синдикатот за конечна бројка од 333 вработени, а по систематизација претходни беа 423“, вели Хамиди и додава дека овие нови вработувања се во рамките на оваа предвидена бројка.

    „Нема да успее, ако не ги повлече огласите ќе штрајкуваме за Нова година“, цврсто се решени од Синдикатот на контролорите на летање.

    Министерот Благој Бочварски во декември кажа дека лично ќе се погрижи да се испочитува договорот меѓу Синдикатот на контролорите и менаџментот на М-НАВ.

    Досега нема реакција од Министерството за транспорт околу последната најава за тродневен штрајк на контролорите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира