Околу 60 отсто од вкупно 31.447 вработени лица во училиштата се вакцинирани против ковид-19, вели Министерството за образование и наука (МОН), додавајќи дека учебната година ќе почне на 1 септември. Лани, учебната година 2020/2021 почна на 1 октомври.
Од кабинетот на минстерката за образование и наука Мила Царовска велат дека училиштата се подготвуваат за три сценарија за новата учебна година.
„Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива, е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 којашто се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање“, вели МОН.
Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба, а одлуката ќе ја донесе Комисијата за заштита од заразни болести.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 552.263 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.202 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.928 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 998.876 дози вакцини, а ревакцинирани се 446.613 граѓани. Од завчера во земјава почна ревакцинацијата на популацијата од 12-18 години.
Б. НЕСТОРОСКА