На 1 септември почнува новата учебна година 2021/2022, а последната одлука на Владата, од седницата на 17 август е дека стартот е со физичко присуство за сите ученици.
Сѐ уште се чека владината одлука за препораката на Комисијата за заразни болести, која делумно го прифати барањето на Кризниот штаб на Општина Тетово, наставата да почне онлајн и наставниците кои не се вакцинирани протв ковид-19 еднаш неделно да се тестираат. Комисијата на 27 август препорача средните училишта во Тетово и Гостивар наставата да ја започнат онлајн и тоа да биде препорака за првите две недели, а понатаму ќе се донесуваат одлуки согласно на тоа како ќе се одвива ситуацијата.
Последните информации на Министерството за образование и наука (МОН), до 26 август се дека 69 отсто од кадарот во образованието е вакциниран против ковид-19.
Министерката за образование и наука Мила Царовска минатата недела изјави дека доколку се влоши епидемиолошката состојба во цела земја и се зголеми ризикот од ширење на заразата, по предлог на Комисијата, ќе се премине на друг модел на настава односно ќе се примени некое од двете резервни сценарија – второто е комбинирана настава со наизменично ротирање на две групи ученици – онлајн и со физичко присуство, и третото сценарио е модел на настава како минатата учебна година – едни ученици да бидат во училиштата, а други постојано да следат настава на далечина.
Планот за одржување на наставата и протоколите за постапување на основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство владата ги усвои на седницата на 24 август, според коj ослободени од физичка настава може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини, а дозвола ќе даде училиштето.
Меѓу точките кои се наведени во протоколот се:
- Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици во училиштето.
- На учениците кои доаѓаат со организиран превоз, им се мери телесната температура пред влегување во автобусот и се врши дезинфекција на рацете и обувките. Учениците кои имаат зголемена температура (над 37.4°) се враќаат дома со препораки родителот да преземе соооветни здравствени мерки.
- На сите вработени им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37.4°) вработениот се упатува кај матичен лекар.
- На учениците пред влезот на училиштето,им се мери телесна температура со безконтактен топломер. Во случај на зголемена телесна температура (над 37.4°) не се дозволува влез на ученикот во училиште и родителот се упатува на консултација кај матичниот лекар на ученикот. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште.
- Родителите/старателите/ ги испраќаат учениците до назначениот влез на училиштето и се забранува нивно влегување во училиштето, освен за родителите/старателите/образовните асистенти на учениците со посебни образовни потреби со задолжително носење на маска/прекривка на лицето.
- Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравување меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците.
- Наставниците треба да избегнуваат подолго да се задржуваат во наставничката канцеларија и задолжително запазуваат физичка дистанца и носење на заштитна маска/прекривка на лице.
- Пренесувањето на информациите и состаноците со родителите/старателите се одвива преку телефон или преку некоја онлајн апликација која што ќе ја договорат родителите и
наставниците, или доколку дозволуваат временските услови на отворено. - Учениците од една паралелка престојуваат во една просторија, без можност за мешење на ученици од различни паралелки во иста училница.
- За време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, се остава отворен прозорец. Во училницата (доколку ги има) се избегнуваупотребата на уреди за климатизација и вентилација.
- Во случаите на кабинетска настава, заради грижа за здравјето на учениците, се воведува систем за еднонасочно движење на учениците и контролирано излегување и влегување во кабинетите. По излегувањето на едната групаученици, задолжително се проветрува просторијата и се врши дезинфекција , по што се дозволува влез на втората група на ученици
- Во основните училишта каде има продолжен престој, потребно е истиот да биде организиран во рамките на расположливите просторни капацитети и да се реализира со ученици од иста паралелка и од исто оддeление (без мешање на децата од различни одделенија или паралелки).
- Послужувањето на оброците се реализира во училишните трпезарии водејќи сметка да не дојде до мешање на ученици од различни паралелки.
- Преминувањето низ заедничките простории треба да се организира така што додека учениците и наставниците од една паралелка поминуваат во исто време, учениците и наставниците од другите паралелки го чекаат својот ред, притоа укажувајќи им на учениците да не допираат површини или предмети во просторот каде се движат.
- Малиот одмор се користи во траење од 5 минути меѓу часовите и голем одмор во траеење од 15 до 20 минути. За време на одморите задолжително се почитуваат мерките за заштита и потребно е да се намали колку што е можно повеќе физичкипо контакт меѓу учениците. За време на големиот одмор кога учениците се во училишниот двор, задолжително се спроведува чистње на училниците
- Доколку во училиштето се појави заболен од ковид-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од ковид-19,лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување.
- Ако ученик развие симптоми на ковид-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.
- Доколку се потврди дека ученик е заболен од ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.
Б. НЕСТОРОСКА