УЧЕНИЦИТЕ ДО 10 ГОДИНИ ЌЕ БИДАТ ЗГРИЖЕНИ ВО ГРАДИНКА ЗА ЛЕТНИОТ РАСПУСТ АКО ИМА МЕСТО И УСЛОВИ

    УЧЕНИЦИТЕ ДО 10 ГОДИНИ ЌЕ БИДАТ ЗГРИЖЕНИ ВО ГРАДИНКА ЗА ЛЕТНИОТ РАСПУСТ АКО ИМА МЕСТО И УСЛОВИПриоритет во овој период за проем во градинка имаат децата на самохраните родители и деца на двајца родители кои се вработени и за тоа ќе донесат потврда во установата. (Фото: К. Попов)

    Учениците до 10 години кои имаат потреба од згрижување во градинка по завршувањето на учебната година, на 10 јуни ќе бидат примени во градинка ако има помал број деца во групите од предвиденото во Протоколот за активностите во установите за згрижување и воспитание на деца и ако просторните капацитети го дозволуваат тоа, велат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

    Во описот на згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст се наведува дека освен што меѓудругото тоа е облик на заштита на детето до 6 години живот, односно до вклучување во основото образование, може и да обезбедува престој и исхрана и за деца над шест години, односно од поаѓање во основно училиште до десет години возраст.

    Во изминатите години, за време на летниот распуст од 10 јуни до 1 септември, децата до 10 години имаа можност да бидат згрижени во градинките, со оглед на тоа дека и посетеноста на децата кои редовно одат во тој период значително се намалува. Учебната година е пред крај, па родителите кои немаат кој да им ги чува децата до 10 години и кои ја контактираа нашата редакција велат оти се загрижени дали согласно ситуацијата со ковид-19 децата ќе им бидат згрижени во летните месеци.

    Од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека тие, како надлежни во делот на политиките за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, заедно со Комисијата за заштита од заразни болести подготвија Протокол кој е доставен до сите јавни и приватни детски градинки.

    „Согласно одлуката на Владата на 11 мај 2021, измените во Протоколот предвидуваат дека воспитните групи за деца до 2-годишна возраст треба да имаат по максимум 15 деца и групите за децата од 2 до 10-годишна возраст да имаат по максимум 20 деца. Земајќи го предвид фактот дека градинките работат со намален капацитет и помал број на деца во воспитните групи, се утврди потреба од одредување на приоритет додека трае пандемијата“, ни одговорија од кабинетот на министерката Јагода Шахпаска.

    Приоритет во овој период за посетување градинка имаат децата на самохраните родители и деца на двајца родители кои се вработени и за тоа ќе донесат потврда во установата.

    Згрижувањето на останатите деца и упис на нови го врши самата градинка доколку има помал број на деца во групите од предвиденото во Протоколот и доколку просторните капацитети го дозволуваат тоа.

    „Воедно, ве информираме дека градинките се тие кои што ја организираат работата во градинката согласно Протоколот, а основачите на Јавните установи за деца- детските градинки (Општините) потребно е да изнајдат начин односно дополнителен просторен капацитет (адаптација на простории) за згрижување и на останатите деца кои се запишани или се на листи на чекање. Министерството за труд и социјална политика, до сите градинки достави писмено укажување да се продолжи со упис и згрижување на деца особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос без разлика дали работат од дома или со физичко присуство. Исто така, писмено е укажано да се контактираат родителите чии деца се запишани, а не се донесени за престој во детските градинки во овој период, со цел да се изјаснат дали нивното дете ќе посетува градинка или местото се ослободува“, додаваат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира