Учениците ќе поднесуваат пријави за финансиска помош од Владата во училиштата, а студентите на апликацијата за електронски услуги на Министерството за образование. Пријавите ќе се поднесуваат по објавен повик на страната на Министерството. Пензионерите и ренливите категории граѓани кои се опфатени со мерката за финасиска помош нема да треба да поднесуваат никакви пријави, туку тоа ќе се прави врз основа на податоците во надлежните институции.
Ова е одлучено на денешната владина седница, на која беше утврден текстот на Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската и ценовната криза. Владата ќе го испрати до Собранието со предлог да биде разгледан и усвоен по скратена постапка.
Корисници на финансиската поддршка, што се обезбедува согласно Предлогот на закон, се корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок поради попреченост, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, пензионери со пензија до 19.000 денари, ученици од основно и средно образование чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари и студенти кои живеат надвор од местото на студирање.
Предвидено е финансиската поддршка за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок поради попреченост и за самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош да изнесува 2.000 денари месечно за период од пет месеци, почнувајќи од декември 2023.
Петмесечната финансиска поддршка за корисниците на пензија во висина до 19.000 денари исто така ќе почне од декември 2023 и ќе изнесува 3.000 денари месечно за пензионерите со пензии до 14.000 денари, 2.000 денари за пензионерите со пензија од 14.001 до 16.000 денари и 1.500 за оние кои имаат пензија меѓу 16.001 до 19.000 денари.
Финансиската поддршка за ученици е 1.200 денари за оние во основно образование, односно 1.800 денари за ученици во средно образование за период од шест месеци, започнувајќи од декември 2023. За студенти кои живеат надвор од местото на студирање е предвидена поддршка во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење до местото на студирање во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1.200 денари месечно, за период од седум месеци, започнувајќи од декември 2023.
За стекнување на правото за финансиска поддршка за ученици од основното и средното образование чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари, Министерството за образование и наука (МОН) објавува повик на својата веб-страница што ќе трае седум дена, а заедно со повикот ќе бидат објавени и соодветните документи за пријава. Пријавата се поднесува во училиштето во кое ученикот е запишан. За учениците кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање финансиска поддршка на претходните повици, предвидено е МОН секој месец да објавува повик, најдоцна до петтиот ден во месецот, што ќе трае седум дена.
За стекнување на правото за финансиска поддршка за студенти кои живеат надвор од местото на студирање предвидено е МОН да објави повик на својата веб-страница, во времетраење од седум дена. За добивање на финансиската поддршка, студентот се пријавува на апликацијата e-uslugi.mon.gov.mk и внесува и приложува податоци и докази што се посочени како потребни. По извршената проверка на податоците и доказите, МОН во рок од пет работни дена од денот на пријавувањето на студентот ќе утврди статус на прифатено или одбиено барање. За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиската поддршка на претходните повици, предвидено е МОН да објавува повик секој месец, во времетраење од седум дена, најдоцна до петтиот ден во месецот.
Деветтиот пакет антикризни мерки изнесува 662 милиони евра.
А. АНТЕВСКА