УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ УЧАТ И ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ ОД ДОМА, СТУДЕНТИТЕ ЌЕ ПОЛАГААТ ЕЛЕКТРОНСКИ САМО АКО ФАКУЛТЕТИТЕ ОБЕЗБЕДАТ СИГУРЕН СИСТЕМ

    УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ УЧАТ И ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ ОД ДОМА, СТУДЕНТИТЕ ЌЕ ПОЛАГААТ ЕЛЕКТРОНСКИ САМО АКО ФАКУЛТЕТИТЕ ОБЕЗБЕДАТ СИГУРЕН СИСТЕМНаставата ќе се одвива двонасочно, преку средства за електронска комуникација: видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци. (Фото: К. Попов)

    Учениците од основното и средното образование и официјално ја довршуваат учебната година засега по електронски пат, од дома, без физичко присуство едни со други и со нивните наставници. Уредбата што ја донесе вчера Владата важи додека трае вонредната состојба поради коронавирусот. Училиштата и универзитетите беа затворени на 10 март.

    Наставата ќе се одвива двонасочно, преку средства за електронска комуникација: видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци. Што од овие средства ќе употреби училиштето, одлука донесува индивидуално.

    За периодот на организирање на наставата во основните училишта преку учење од дома, наставникот ќе оценува. Владата предвидува наставниците да спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

    И средношколците ќе слушаат предавања, ќе комуницираат, ќе се тестираат и оценуваат од професорите преку видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци, зависно како ќе си одлучи секое училиште.

    Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, со која се уредуваат начинот на изведувањето на студиските програми и проверката на знаењето на студентите во сите три циклуси на високото образование

    Студиските програми за стекнување на високо образование на сите три циклуси на високообразовните установи односно јавните научни установи и проверката на знаењето ќе се изведуваат преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација. Одредбите не се однесуваат на меѓународната физичка мобилност и учество на меѓународни собири на студиската програма за трет циклус-докторски студии.

    „Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска/и, магистерска/и и докторска/и задача/труд.“, стои во Уредбата.

    Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши електронски, под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето. И работата на Стручната служба во високообразовните установи односно јавните научни установи ќе се врши електронски, без физички контакти.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира