УЧЕНИЦИТЕ ОД УТРЕ ЌЕ УЧАТ ПРЕКУ Е-УЧИЛНИЦА, А ОЦЕНУВАЊЕТО ДОПРВА ЌЕ ГО УТВРДИМЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ АДЕМИ

    УЧЕНИЦИТЕ ОД УТРЕ ЌЕ УЧАТ ПРЕКУ Е-УЧИЛНИЦА, А ОЦЕНУВАЊЕТО ДОПРВА ЌЕ ГО УТВРДИМЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ АДЕМИ„Јасно е дека образовните установи нема да бидат отворени и учебната година нема да продолжи во училиниците во скоро време. Но, тоа не значи дека треба да ја прекинеме учебната година во оваа вонредна состојба“, рече министерот за образование Адеми. (Фото: Влада на РСМ)

    Министерот за образование и наука Арбер Адеми најави дека во соработка со УНИЦЕФ и Бирото за развој за образование се подготвува прва национална веб-платформа за далечинско учење, која ќе биде ставена во функција од утре.

    Платформата е наречена е-училница, а линкот до неа е www. eduino.gov.mk. На неа ќе се прикачуваат видеолекции за сите задолжителни предмети од основно и средно образование, кои ќе траат по 15 минути, а ќе бидат придружени со презентација и нарација од наставниците.

    „Јасно е дека образовните установи нема да бидат отворени и учебната година нема да продолжи во училниците во скоро време. Но, тоа не значи дека треба да ја прекинеме учебната година во оваа вонредна состојба“, рече Адеми на прес-конференција, објавувајќи ги новите мерки од Уредбата која беше донесена на вчерашната владина седница. Сите воспитно-образовни институции, студентски домови и научни институти се затворија на 10 март поради ширењето на коронавирусот. Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба до 18 април.

    До сите училишта во земјава се доставени подготвени формулари и упатства за лекции, и веќе пристигнуваат лекции. Стигнати се пријави за над 1.000 лекции, а досега се стигнати 400. Лекциите се проверуваат од содржински аспект и се внимава да не се повторуваат.

    „Во мое име, и во име на инстиуциите, ве молам за трпеливост и конструктивност во начинот на функционирање на платформата“, рече Адеми.

    На новинарски прашања како ќе се одвива електронското учење во области каде нема интернет, или во семејства во кои нема смарт-уреди, министерот кажа дека од Министерството за информатичко општество и администрација е информиран дека целата земја е покриена со Интернет.

    „Кога зборуваме за е-учење, не мислиме на некакви најсовремени камери или микрофони, туку наставата ќе може да се следи преку смарт-уреди. Верувам дека не би имале некој посебен проблем за да се реализира, но секако стоиме на располагање и апелирам да се пријавуваат проблемите“, одговори министерот.

    Во однос на начинот на оценување, Адеми кажа дека Бирото за развој веќе подготвува упатства за сите наставници и ќе бидат навреме известени.

    „За полагањето на државна матура и уписите на факултет, ќе кажам дека внимателно ја следиме ситуацијата и зависно од околностите ќе преземаме чекори. Роковите, датумите за полагање се предвидени со календар за организирање на учебната година. Нема простор за паника и вознемиреност, дај боже час поскоро да заврши оваа состојба и ќе има и полагање и уписна сесија во високообразовните институции“, изјави министерот Адеми.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира