УЧЕНИЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ВО УЧИЛИШТАТА ПОСЛЕ ГОДИНА И ПОЛ ОНЛАЈН НАСТАВА

    УЧЕНИЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ВО УЧИЛИШТАТА ПОСЛЕ ГОДИНА И ПОЛ ОНЛАЈН НАСТАВАПрвачињата во школите во Општина Центар вчера имаа свечен прием. (Фото: Општина Центар)

    После година и половина, учениците во земјава од денеска се враќаат на училиште со физичко присуство. Ослободени од физичка настава може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини, а дозвола ќе даде училиштето.

    Воспитно-образовните институции се затворија лани во март, на почетокот на коронакризата и наставата продолжи онлајн. Лани, почетокот на учебната година доцнеше еден месец, почна на 1 октомври, а настава со физичко присуство посетуваа учениците од прво до трето одделение, како и во некои места кои ги исполнуваа условите за настава по протокол.

    Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека со „висока лична и колективна одговорност нема да дозволиме училиштата да бидат места за трансмисија на заразата“.

    „Верувам дека моделот за настава кој ќе го применуваме од денес, со физичко присуство за сите ученици со точно утврдени ситуации и случаи кои можат да бидат исклучок, ќе биде одржлив и нема да дозволиме училиштата да бидат места за трансмисија на заразата, како што не дозволивме ниту минатата година кога работеа со 40% од вкупниот број на ученици, што посетуваа настава во училница“, вели Царовска.

    Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава потсетува дека Македонија лани имаше недостиг од 52 недели на учење со физичко присуство, а во Европа таа бројка беше 24 недели.

    „Сакам да ги поттикнам сите, да не заостануваме, да им го обезбедиме образованието на кое децата имаат право“, вели Ди Џовани.

    Царовска минатата недела изјави дека доколку се влоши епидемиолошката состојба во цела земја и се зголеми ризикот од ширење на заразата, по предлог на Комисијата, ќе се премине на друг модел на настава односно ќе се примени некое од двете резервни сценарија – второто е комбинирана настава со наизменично ротирање на две групи ученици – онлајн и со физичко присуство, и третото сценарио е модел на настава како минатата учебна година – едни ученици да бидат во училиштата, а други постојано да следат настава на далечина.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера повторно апелираше дека е многу важно за децата и учениците да се вратат во учичиште, бидејќи повторно одлагање на учебната година или учење онлајн е на нивна штета.

    „Доколку се влошува состојбата или вирусот почне да се шири во училиштата, подготвени се алтернативни решенија. Во тој случај, здравјето на децата нема да биде доведено во прашање“, рече Филипче.

    Министерот исто така често апелира да се вакцинираат родителите на децата кои посетуваат настава заради намалување на ризикот од зараза и компликации.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира