УЈП ЌЕ ЈА ВРАЌА НАТПЛАТЕНАТА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА БЕЗ ДА БАРА АДМИНИСТРАТИВНА ТАКСА ОД 300 ДЕНАРИ

УЈП ЌЕ ЈА ВРАЌА НАТПЛАТЕНАТА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА БЕЗ ДА БАРА АДМИНИСТРАТИВНА ТАКСА ОД 300 ДЕНАРИРадиодифузната такса беше укината во септември минатата година, но дел од граѓаните предвреме ја платиле за цела година. Се работи за предвреме платени средства за месеците октомври, ноември и декември. - Претставка од граѓанин до Народниот правобранител за РД такса (Фото: СДК.МК)

Има големи шанси Управата за јавни приходи да им ги врати парите на граѓаните кои однапред ја платиле радиодифузната такса (РДТ) за септември, октомври, ноември и декември минатата година, без да им бара 300 денари за такса. Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК, по укинувањето на обврската за плаќање РДТ, граѓани од цела Македонија го затрупаа Народниот правобранител со претставки зашто УЈП не им ги враќа тие 570 денари за 4 месеци, без да поднесат барање на кое ќе прикачат платена административна такса од 300 денари.

Народниот правобранител Иџет Мемети отвори постапки за сите претставки за уценувањето на УЈП на оваа категорија граѓани, па на негово инсистирање на 19 декември лани, Управата се обврзала да подготви список на обврзници за РДТ, кои извршиле предвремена уплата.

„УЈП се обврза да подготви список на обврзници за РДТ, кои во текот на 2017 година извршиле уплата на радио-дифузната такса за 12 месеци одеднаш и да ја анализира состојбата со цел да се изврши поврат на средствата по службена должност. Постапката по однос на утврдување на предметната категорија граѓани е во тек“, му пиша на втори овој месец на Мемети директорката на УЈП Сања Лукаревска.

Но, државниот советник на Омбудсманот Зоран Билбилоски забележува дека не треба УЈП да се ограничува само на враќањето пари на тие што платиле предвреме за споменатите месеци, туку треба да направи список на сите граѓани кои неосновано плаќале РДТ. Имено, вели тој, има случаи кога во едно семејство стигнувале и по две – три сметки, а граѓаните од страв од извршители ги плаќале.

Пред Народниот правобранител има претставка од мајка и ќерка кои живеат во исто домаќинство. Треба УЈП да ги опфати и тие граѓани, зашто парите од втората или третата неосновано платена сметка, треба да им се вратат на тие граѓани, вели Зоран Билбилоски, државен советник кај Народниот правобранител (Фото: СДК.МК)

„Пред Народниот правобранител има претставка од мајка и ќерка кои живеат во исто домаќинство. Треба УЈП да ги опфати и тие граѓани, зашто парите од втората или третата неосновано платена сметка, треба да им се вратат на тие граѓани“, вели Билбилоски.

Билбилоски и забележа на УЈП што ги тера граѓаните заедно со таксата од 300 денари да пополнат и образец за поврат на средствата кој Управата, тврди тој, сама си го измислила, бидејќи таков образец во Службен весник на РМ не постои.

На 25 септември лани, шест дена откако беше укината РД Такса, Н.Н. од Скопје до Народниот правобранител поднел претставка бидејќи УЈП не само што го условила со 300 денари за да ги добие тие 570 денари што ги натплатил, туку реагира што ќе ги наплаќа и средствата за последните 10 дена од септември. Тој со пресметки му укажува на Омбудсманот како преку УЈП државата ќарува на грбот на граѓаните и со тоа едно евро, односно 60 денари што нејќе да им ги врати на тие што ја платиле сметката за РД Такса за септември.

„Претставката се однесува на Управата за јавни приходи и Македонската радио телевизија. Законот за изменување на законот за аудио и аудиовизуелни услуги, што ја укинува обврската за радио-дифузна такса кај граѓаните и фирмите, стапен е на сила на 20.09.2017. Оттука во последните 10 дена од месец септември обврска за РДТ не постои. Сепак УЈП и МРТ имаат издадено решение за месец септември 2017 на целиот претходно-пропишан износ за РДТ. Ако вака издадените решенија за месец септември се наплатат, тогаш тоа значи дека државата ќе наплати неосновано 1/3 од износот за РДТ или околу 60 денари. Под претпоставка дека 300.000 домаќинства добиваат решенија, тоа се 18.000.000 денари, а тука треба да се додадат и решенијата што ги плаќаат фирмите“, пресметува подносителот на оваа претставка.

Во списокот на УЈП ќе влезат и овие пари за враќање.

С. К. ДЕЛЕВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира