УКИНАТ МОРАТОРИУМОТ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОДЕКА УСТАВЕН СУД НЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ Е УСТАВЕН

    УКИНАТ МОРАТОРИУМОТ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОДЕКА УСТАВЕН СУД НЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ Е УСТАВЕНОдлуката за времено укинување на мораториумот значи дека сега Општината мора да издава градежна дозвола на инвеститорите врз основа на постоечките планови; - Од денешната седница на Уставниот суд (Фото: СДК.МК)

    Времено е укинат мораториумот за градба во Oпштина Центар, додека Уставен суд не донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот. Ова беше одлучено на денешната седница на Уставниот суд, каде точка на дневен ред беше разгледување на иницијативата за уставноста и законитоста на мораториумот, поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на севернозападна Македонија.

    „Со мнозинство гласови беше прифатена иницијативата за разгледување на уставноста и законитоста на мораториумот. Притоа, донесена е времена мерка до конечната одлука мораториумот да биде запрен“, велат од Уставен суд.

    Одлуката за времено укинување на мораториумот значи дека сега Општината мора да издава градежни дозволи на инвеститорите врз основа на постоечките планови.

    На денешната седница, во дискусијата на уставните судии пред гласањето повеќето од нив сметаа дека треба да се прифати иницијативата на градежниците да се разгледува законитоста на мораториумот.

    Судијата Дарко Костадиновски рече дека мораториумот е незаконски и неуставен и не само што треба да се прифати иницијативата, туку треба да се поништи.

    „Ќе платиме голема цена ако толерираме излегување од рамките на Уставот и законот. Не може оправдание да биде хуманото живеење и поквалитетн живот. Ако си донесат ваква мерка сите општини на што ќе личи оваа држава? Просто е, Советот на Општина Центар ги пречекорил ингеренциите“, рече Костадиновски.

    Судиите Насер Ајдери и Елена Гошева сметаа дека не треба да се разгледува иницијативата.

    „Не секој пропис е подобен да се разгледува. За овој случај мислам дека не е надлежен овој суд, има други институции“, рече Ајдари.

    Со одлука на Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 беше донесен мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 Детален урбанистички план (ДУП). Оттогаш мораториумот беше продолжуван четири пати. Тоа значеше дека Општината не издаваше одобренија за градба додека не се ревидираат плановите. Од воведувањето на мораториумот ревидирани се само два плана, кои беа изгласани на седница на Советот на Општина Центар на 14 март.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира