УНГАРИЈА ГО ОТПОВИКА ПОЧЕСНИОТ КОНЗУЛ ВО БИТОЛА, ГАЗДА НА ФИРМАТА „ЕКО КЛУБ“ ЗА ТРАНСПОРТ НА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД

    УНГАРИЈА ГО ОТПОВИКА ПОЧЕСНИОТ КОНЗУЛ ВО БИТОЛА, ГАЗДА НА ФИРМАТА „ЕКО КЛУБ“ ЗА ТРАНСПОРТ НА МЕДИЦИНСКИ ОТПАДОд Министерството за надворешни работи ни потврдија дека вчера добиле нота од унгарското МНР дека го отповикуваат почесниот конзул во Битола, назначен во септември 2012 година. (Фото: Град Скопје/ТВ Тера)

    Унгарија го отповика својот почесен конзул во Битола Сашо Јанакиевски, газда на фирмата „Еко Клуб“, за која скопскиот градоначалник Петре Шилегов кажа дека несоодветно го третира медицинскиот отпад пред да го депонира на депонијата „Дрисла“.

    Од Министерството за надворешни работи ни потврдија дека вчера добиле нота од унгарското МНР дека го отповикуваат почесниот конзул во Битола, назначен во септември 2012 година, а отповикувањето, според нотата, стапува во сила веднаш. Нотата била куса, без образложение. Според процедурата, одлуката на унарското МНР треба да ја констатира Владата.

    Според фотографиите и снимките што ги направиле инспектори од Град Скопје, а кои ги објави Шилегов на 4 февруари, се гледа дека медицинскиот отпад во погонот на „Еко клуб“ не се преработува. Шприцеви, игли, крвави гази и друг медицински отпад е во контакт со кучиња скитници, потоа се префрла во камион за транспорт, незаштитен во посебни ќеси како што е постапката за депонирање на ваков вид отпад, а притоа, од камионот се цеди крв. Градоначалникот Шилегов тогаш кажа дека медицински отпад без термички да се обработи и стерилизира од погонот се депонирал на депонијата „Дрисла“, а за тоа инспекторите на Град Скопје имаат видеоматеријал снимен во декември кој веднаш го предале во Јавното обвинителство.

    „Еко клуб“ го доби и тендерот за одржување на хигиената во кругот на Клиничкиот центар во Скопје во јануари 2018 година.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира