УНГАРИЈА ПОТВРДИ ДЕКА ГРУЕВСКИ Е ВО БУДИМПЕШТА И БАРА АЗИЛ, ОБЈАВИ МВР

    УНГАРИЈА ПОТВРДИ ДЕКА ГРУЕВСКИ Е ВО БУДИМПЕШТА И БАРА АЗИЛ, ОБЈАВИ МВРОд МВР го информирале Основниот суд Скопје 1, дека Груевски е во Унгарија, по што Судот треба да издаде решение за распишување на меѓународна потерница. (Фото: СДК.МК)

    Осудениот Никола Груевски е во Будимпешта, Унгарија, потврдија од Министерството за внатрешни работи. Попладнево тие добиле потврда од унгарското министерство дека Груевски таму побарал азил.

    „По направените соодветни проверки, Министерството за внатрешни работи утврди дека лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело – примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија. Министерството за внатрешни работи доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил. Го информиравме Основниот суд Скопје 1, по што Судот треба да издаде решение за распишување на меѓународна потерница за осуденото лице Никола Груевски“, велат од МВР.

    Во Министерството за надворешни работи денеска бил повикан амбасадорот на Република Унгарија во земјава, Ласло Дукс, на средба со државниот секретар Виктор Димовски, со цел проверка на информацијата и по дипломатски канали за бегството на Груевски.

    „Во разговорот беше нагласено, дека на својот европски и евроатлантски пат, Република Македонија е цврсто определена да опстои на вредностите на градење на правната држава, фунционирање на независното судство и борбата против организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа, вклучувајќи ги и највисоките, што беше дел и од препораките во експертскиот извештај на Рејнхард Прибе“, информираат од МНР.

    Осудениот експремиер Никола Груевски денеска на својот Фејсбук профил напиша дека се наоѓа во Будимпешта и побарал политички азил од унгарските власти.

    „Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, пишува на Фејсбук страна на која Груевски и порано се има јавувано со лични статуси.

    Од Министерството за правда попладнево рекоа дека чекаат официјално известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски е во бегство, па дури потоа ќе можат да покренат постапка за екстрадиција.

    „Прво треба да добиеме известување од Министерството за внатрешни работи дека лицето е лоцирано, па дури потоа треба да се комплетира пакет документи, односно меѓународна потерница, правосилната пресуда од судот, извадок од Кривичниот законик за описот на делото и застареноста на кривичното гонење. Сите документи треба да се преведат на јазикот каде што е избегано осуденото лице“,рекоа од Министерството за правда.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира