УПИСИТЕ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ПОЧНУВААТ НА 14 ЈУНИ, ИМА 30.053 МЕСТА

    УПИСИТЕ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ПОЧНУВААТ НА 14 ЈУНИ, ИМА 30.053 МЕСТАСпоред конкурсот, во гимназиите има 9.261 места во 274 паралелки. - Од ланските уписи во Гимназијата „Орце Николов“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Уписите во средните училишта почнуваат на 14 јуни, најави Министерството за образование и наука (МОН). Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта – 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно  образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.

    Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација.

    „Фокусот е ставен на стручното образование, како образование на сегашноста и иднината. Во изминатиот период Министерството за образование во соработка и со поддршка од проектот ‘Образование за вработување во Северна Македонија’ и Швајцарската агенција за развој и соработка ја реализираа кампањата ‘Учи паметно, работи стручно’ која има за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование, да едуцира и информира за неговата важност за националната економија преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд“, вели МОН.

    Се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование. За новата учебна година предвидени се 2.000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование.

    Исто така, 200 стипендии во износ од 2.200 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината ќе бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира