Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал против три физички лица и едно правно лице за наместен тендер во Управата за водење матични книги. Како што соопшти Финансиската полиција, поднесената кривична пријава е за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување.
Пријавени се раководно лице и вработен во Управата, фирмата НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ СКОПЈЕ и нејзиниот сопственик и управител. Според Финансиската полиција, тие во 2021 година ја направиле тендерската документација за дигитализација на матичните книги и набавка на компјутерска опрема со дискриминаторски и несразмерни услови за да ѝ овозможат на фирмата прибави корист со набавка по цени далеку повисоки од реалните на пазарот. Вредноста на тендерот е 577 илјади евра, а штетата по државниот буџет е проценета на 45 илјади евра.
„Првопријавеното лице, во својство на раководно лице во Управата за водење на матични книги и второпријавеното лице вработено во УВМК, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во текот на 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминаторски и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и јавна набавка на компјутерска опрема и за четвртопријавеното правно лице НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје прибавиле корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договори на вкупен износ од 35.621.240 денари“, соопштија од Финансиска полиција.
Дополнително, од Финансиската полиција велат дека пријавените во техничките спецификации за јавната набавка на услуги за дигитализација, предвиделе ставка за „техничка поддршка при процесот на внесување на податоци“ во висина од 359.507 денари месечен паушал, за кои услуги во моментот Управата за водење на матичните книги имала склучен договор со друг правен субјект и на тој начин без да постои реална потреба кон Управата се фактурира за иста услуга два пати, еднаш од страна на НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје, и еднаш од страна на другиот правен субјект, со што е предизвикана штета на Управата за водење на матични книги во вкупен износ од 2.157.042 денари.