Петтемина судии, обвинети за злоупотреба на службената положба во предметот “Титаник 2“ на СЈО за изборни нерегуларности, одлучуваат за поднесените тужби за првиот круг од локалните избори. Овие судии, кои во август останаа без судиски имунитет, се распоредени во советите од по пет судии, кои што треба во рок од 48 часа да одлучат за поднесените 27 тужби, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Управниот суд.
Станува збор за судиите Билјана Никодиновска Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Аранѓелова, Анета Џигерова и Газменд Фејзулаи, кои во „Титаник 2“ се обвинети заедно со уште четири члена на Државната изборна комисија, од кои еден сè уште е во ДИК и одлучуваше за поднесените приговори од партиите.
Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје ги отфрлија сите мерки на претпазливост кои што ги побара СЈО за судиите, меѓу кои што беше и мерката за времена забрана за извршување на актуелните функции.
До Управниот суд се поднесени 27 тужби против решенијата на Државната изборна комисија за приговорите за првиот круг од локалните избори, соопшти утринава судот. Најмногу тужби поднела ВМРО-ДПМНЕ – 24, две жалби се од ТМРО и една од Левица.
С. К. ДЕЛЕВСКА