УШТЕ Е ЖИВ ПАРТИЗАНОТ КОЈ ГО ОБЕЗБЕДУВАЛ ПРВОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АСНОМ

    УШТЕ Е ЖИВ ПАРТИЗАНОТ КОЈ ГО ОБЕЗБЕДУВАЛ ПРВОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АСНОМРаде Гогов-Црноречки (во средина), партизан кој учествувал во обезбедувањето на манастирот Прохор Пчински за време на првото заседание на АСНОМ, има 95 години и заедно со други преживеани партизани по повод 11 Октомври присуствуваше на средбата на генерациите во Битола (Фото: СДК.МК)

    Младите Македонци да не го забораваат НОБ, да читаат и слушаат на нашето дело зашто на браникот на Македонија положивме 25 000 животи, вели Раде Гогов-Црноречки, партизан кој учествувал во обезбедувањето на манастирот Прохор Пчински за време на првото заседание на АСНОМ. Денес има 95 години и заедно со други преживеани партизани и борци во антифашистичката војна по повод 11 Октомври присуствуваше на средбата на генерациите во Битола.

    „Бев учесник во НОБ од 1941 година и сум добил 15 одликувања. Сум учествувал во многу борби, но најтешко беше кај врвот Паруца на Плачковица. Михајло Апостолски мојата чета ја имаше викнато да го обезбедуваме заседанието на АСНОМ. На враќање, на Плачковица не опчека еден непријателски баталјон скриен во ровови. Тие беа на високо, а ние на голина. Еден од нив цел шмајцер испука во мене. Едниот фишек ме удари во ременот, друг во фалтата од џебот на англиските панталони, третиот ми скина друг дел од облеката и четвртиот само ме удри во раката. Една санитарка дотрча до мене. Имаше хиперманган и ме преврзаа, потоа раните ми загноија. Се мачевме, но имавме големи идеали“, вели партизанот Гогов.

    90-годишниот Антоние Неделковски од Дебар (десно со ордените), преживеан партизан од Првата македонско-косовска бригада и учесник на Сремскиот фронт (Фото: СДК.МК)

    На средбата во Битола беше и 90-годишниот Антоние Неделковски од Дебар, преживеан партизан од Првата македонско-косовска бригада и учесник на Сремскиот фронт. Интересно е тоа што додека Тито бил жив му носел мед.

    „Имав 18 години и бев командир на чета со девет минофрлачи на Сремскиот фронт. Таму го запознав Тито, доаѓаше на фронтот во рововите и не прашуваше ‘како сте борци’? По ослободувањето во 1954 година му носев мед зашто имаше проблеми со белите дробови. Пчелата е природен доктор на природата. Мед му носев и на неговиот внук Јосип Броз“, рече Неделковски.

    ГРАДСКИОТ СААТ ВО БИТОЛА ВЕЌЕ НЕ ЈА ОТЧУКУВА ПЕСНАТА НА ПАРТИЗАНИТЕ

    До пред осум години, Саат кулата отчукуваше по ритамот на партизанската песна „Таму ле, мајко, близу Битола“ (Фото: СДК.МК)

    Беа споделени и спомени за битолските партизански одреди, меѓу кои и за првиот „Пелистер“ чии партизани херојски загинаа во Ореовската корија. Тоа е опеано и во песната „Таму ле, мајко, близу Битола“ од Ајри Демировски. До пред осум години, градскиот Саат отчукуваше по ритамот на оваа песна. Но, по тогашната репарацијата на механизамот, оваа песна Саат кулата престана да ја отчукува, што наиде на силни критики во јавноста.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира