Ние посакуваме уште утре да ги олесниме рестриктивните мерки за ковид-19, но сметаме дека уште не сме подготвени за тоа, рече министерот за здравство Беким Сали. Тој додаде дека во другите европски држави каде беа укинати мерките, а имаат висок процент на имунизација, нагло се бележи зголемување на новозаболени.
„Според новата методологија што се применува во сите држави, а тоа е мерење на ризикот врз здравствениот систем, а не врз поединците, еден од индикаторите е број на хоспитализирани пациенти, според тоа не сме спремни за намалување на мерките“, рече министерот.
Сепак, епидемиолошката состојба е подобрена, па ковид- центрите кои беа отворени низ клиниките се затворени. Со ковид пациенти работат само Инфективната клиника и ГОБ „8. Септември“ во Скопје, во болниците од внатрешноста само инфективните одделенија.
Кампањата за вакцинација преку СМС пораки продолжува и за 60 проценти се зголемила динамиката за имунизација. Исто така продолжува и серолошкото тестирање кај населението.
„Сепак си дадовме за себе задача уште две-три недели да ја следиме општата состојба и кај нас и во регионот што се случува, посебно откако во земјите каде беа укинати мерките расте бројот на новоинфицирани“, рече Сали.
Ж. ЗДРАВКОВСКА