УШТЕ НЕИЗЛЕЗЕН ОД ШУТКА ЗА „ТРЕЗОР“, КРИВИЧНИОТ СУД ГО ЗАДРЖА МИЈАЛКОВ ВО ПРИТВОР ЗА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“

    УШТЕ НЕИЗЛЕЗЕН ОД ШУТКА ЗА „ТРЕЗОР“, КРИВИЧНИОТ СУД ГО ЗАДРЖА МИЈАЛКОВ ВО ПРИТВОР ЗА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“Во целодневната брканица меѓу Апелација, ОЈО за организиран криминал и Кривичен суд, последниот на Мијалков му одреди 30 дена притвор за „Плацеви на Водно“. (Фото: СДК.МК)

    Во еден ден паднаа две одлуки за притвор против поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Само што денеска го ослободи  Апелациониот суд Скопје за предметот „Трезор“, каде што е осуден првостепено на 8 години затвор, вечерва Kривичен совет од Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30 дена притвор за „Плацеви на Водно“, за кој веќе подолго време сообвинетиот Јордан Камчев е во Шутка.

    По одлуката дека се ослободува од притвор, а добива мерки на претпазливост, обвинителката Лиле Стефанова веднаш побарала мерка притвор за Мијалков, поради опасност од бегство во случајот „Плацеви на Водно“.

    „Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против С. М. обвинет во предметот со КОK бр. 63/21 во јавноста познат како ‘Плацеви на Водно’, а имајќи ја предвид итноста на постапката, Кривичниот совет, по добивање на предметот, одржа седница на советот и донесе решение со кое го прифати предлогот на Јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Советот смета дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т. 1 односно дека постои Опасност од бегство“, соопшти вечерва Кривичниот суд Скопје.

    Според ова, Обвинителството за организиран криминал и корупција го убедило судот дека има опасност Мијалков да избега, што не му успеа на Вишото јавно обвинителство Скопје со Апелациониот суд, кој денеска го ослободи од притвор, прифаќајќи му ја понудената гаранција од над 11 милиони евра на недвижен и движен имот, откако ќе се симне хипотеката врз тој имот што ја имал на товар.

    Но и оваа најнова одлука на првостепениот суд ќе оди по жалба пред Апелациониот суд, што е право на странките.

    И покрај тоа што Вишото јавно обвинителство дало негативно мислење, советот во Апелација во состав Ѓоко Ристов, Енвер Беџети и Тања Милева одлучиле да го пуштат да се брани од слобода. Дознаваме дека гласањето било 2 спрема еден, Ристов и Беџети ја победиле Милева.

    Судијката Тања Милева, по ова разногласие со колегите, како што неофицијално дознаваме, напишала издвоено мислење. Истовремено, министерот за правда Бојан Маричиќ побара Судскиот совет да испита што се сменило во меѓувреме, за двајцата судии да гласаат Мијалков да се пушти од притвор.

    Главната причина за сомневањата против апелационите судии Беџети и Ристов, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, е дека надлежната банка ја повлекла гаранцијата за хипотеката на имотот што го заложил Мијалков, што значи дека таквиот имот не можел да се прифати од судот како гаранција за да се пушти од притвор.

    Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде што е првостепено осуден на 8 години затвор. Против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во „Плацеви на Водно“, а првостепено осуден е за незаконското масовно прислушување во „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира