Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје и Министерството зa здравство ќе добијат по една термална камера како заштитна опрема во превентивата против коронавирусот, одлучи Владата на денешната седница.
„Со термалната камера може да се измери телесната температура кај луѓето од оддалеченост. Исто така, на денешната седница Владата го задолжи и Министерството за образование и наука да изготви план за дистрибуција на алкохолен дезинфициенс со широк спектар на микробиоцидно дејство до основните и средните училишта“, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче. Термални камери се поставени на аеродромите во Скопје и Охрид и се скенираат сите патници.
Од Министерството за здравство доцна попладнево соопштија дека во текот на денот на Инфективната клиника во Скопје биле тестирани тројца патници за коронавирус и резулатите за тројцата се негативни. Станува збор за македонски државјани од кои двајца дошле од Италија и еден од Шпанија.
Денеска, техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот Филипче го посетија граничниот премин Табановце, наjфреквентен граничен премин на кој доаѓаат патници од регионот на северна Италија.
„Има граѓани кои биле во северна Италија, и без да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, се појавуваат на работните места. Тоа е на совеста на граѓаните, и затоа упатуваме порака дека најважен момент е самосвеста и што треба во овој момент да направиме за државата, бидејќи многу сме силни кога нешто за нас државата треба да направи. Апелираме да се почитуваат мерките за превентивна заштота“, рече Спасовски.
Б. НЕСТОРОСКА