УСТАВНИОТ СУД НЕ САМО ШТО ГИ БРАНЕШЕ ПРАВАТА НА НОВИНАРИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ТУКУ ПРИДОНЕСЕ И ЗА СЛОБОДНО И ДЕМОКРАТСКО МЕДИУМСКО ИЗВЕСТУВАЊЕ, КАЖА АМБАСАДОРОТ НА ОБСЕ

    УСТАВНИОТ СУД НЕ САМО ШТО ГИ БРАНЕШЕ ПРАВАТА НА НОВИНАРИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ТУКУ ПРИДОНЕСЕ И ЗА СЛОБОДНО И ДЕМОКРАТСКО МЕДИУМСКО ИЗВЕСТУВАЊЕ, КАЖА АМБАСАДОРОТ НА ОБСЕ„Уставниот суд за повредата на правата за известување за 27 април, постапи како Европскиот суд зачовекови права од Стразбур“, кажа пофални зборови амбасадорот Вал. (Фото:К. Попов)

    Амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Килијан Вал, на церемонијата за 60 години Уставен суд, го истакна потегот на Судот да ги заштити правата на новинарите Горан Трпеноски и Душица Мрѓа при известувањето од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, кога редовното судство ги откачи и им ги одби тужбите.

    „Само цитирањето на богатата судска пракса на Судот нема да ги исполни неговите напори за правда, туку важно е да се истакне дека, преку својата клучна работа, Уставниот суд ја утврди доктрината за позитивна обврска на државата во обезбедувањето слободи и права. Судот го постави овој стандард повикувајќи се на практиката на Европскиот суд за човекови права во заштитата на слободата на изразување и заштитата на новинарите. Преку својата судска практика, Судот не само што ги бранеше индивидуалните права на новинарите, туку и активно придонесе за слободно и демократско медиумско известување. Со оваа значајна одлука, Уставниот суд директно придонесе за развој на посилно демократско општество во Северна Македонија“, кажа Вал на денешната конференција која се одржа во Собранието.

    Тој застана зад барањето на Уставниот суд да добие нов механизам за заштита на правдата – уставната тужба, но за зајакнувањето на улогата на Судот како чувар на основните слободи и права и како бедем во служба на владеењето на правото во Македонија, побара да се обезбеди неговата финансиска автономија и да се обезбеди соодветен персонал.

    „На Судот за ваков раст сè уште му е потребна цврста правна основа и создавање на средина каде што може да го извршува својот мандат без ограничувања и со политичко и процедурално почитување на неговите одлуки“, смета амбасадорот на ОБСЕ.

    На крајот тој ја посочи и потребата од уставната тужба за која Уставниот суд подолг период лобира, но се уште ја нема.

    „Додавајќи му на Уставниот суд мандат директно да ги решава поплаките од вашите граѓани, наместо да се потпира на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ја прави правдата подостапна и поопиплива за сите граѓани на Северна Македонија“, кажа Вал и додаде дека ОБСЕ останува партнер на Уставниот суд.

    На истиот настан, американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека притисоците врз судската власт во Северна Македонија мора да престанат, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото бидејќи граѓаните имаат потреба од тоа и сè повеќе го бараат тоа.

    Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска рече дека 60 години постоење на Уставен суд е само потврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава.

    „Самиот факт што овој јубилеј е двојно подолг од нашата самостојност како држава, упатува дека чуварите на Уставот низ сите премрежја и комплекси покажале детерминираност и наклон кон правните принципи и вредности“, кажа таа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира