Владата смета дека поведената постапка на Уставниот суд за поништување на Уредбата за намалување на платите на 2.060 функционери, пратеници, судии, обвинители и директори на минимална плата од 14.500 денари за април и мај, директно штети на солидарноста во нашата земја, соопштија од Владата по денешната одлука на Уставниот суд.
Со оваа одлука, Уставниот суд директно спречува обезбедување околу 240 милиони денари (3,9 милиони евра) во Буџетот за мерки за справување со КОВИД-19, додаваат од Владата, од каде што велат дека се разочарани од ваквата скандалозна одлука која ја загрозува борбата со коронавирусот.
На денешната седница на Уставниот суд, судијата-известител Никола Ивановски рече дека владината уредба за намалување на платите на избраните и именуваните функционери, која ја оспори адвокат во целост, ја оспори посебно и Здружението на судии во делот за платите на судиите, а за неа поведе постапка по службена должност и самиот Уставен суд, се крши со шест члена од Уставот и најмалку со уште толку закони.