УСТАВНИОТ СУД ВРШЕЛ ЈАВНИ НАБАВКИ БЕЗ ТЕНДЕР, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА И СЕ СОМНЕВА ВО НЕГОВИТЕ ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИ

    УСТАВНИОТ СУД ВРШЕЛ ЈАВНИ НАБАВКИ БЕЗ ТЕНДЕР, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА И СЕ СОМНЕВА ВО НЕГОВИТЕ ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИРевизорите забележуваат што место да стават рокови за одлучување по предметите, уставните судии во Деловникот ставиле додатоци на платите. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд вршел јавни набавки со склучување договор место со тендер, занемарувајќи го законски утврдениот праг од 12.610 евра вредност на годишно ниво. Овие незаконитости ги утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој вели дека раководствата на Уставниот суд на овој начин работеле со години.

    Набавките што ги спроведувале со склучување договор биле главно за мобилни телефони и за резервација на авиобилети и патувања.

    Во конечниот извештај, ДЗР го критикува тоа што Уставниот суд со измена на Деловникот (место со закон) си утврди додатоци на платите на уставните судии, а 30 години не внесува рокови колку може да трае една претходна постапка по поднесена иницијатива, во кој рок треба да се стави на расправа, нема рокови кога треба да се одлучи по една иницијатива.

    Затоа, и натаму останува на лична и колективна желба на уставните судии кој предмет и кога ќе го стават на расправа и на одлучување, кој од нив ќе го земат веднаш да го работат, а кој ќе седи и по 5 години во фиока.

    ДЗР забележува дека Уставниот суд не донел програма за работа, не воспоставил внатрешна ревизија, ниту сметководствена евиденција за набавка и издавање материјали. Се сомнева во „вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи“. Изразува резерва и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Евидентирани се слабости и во вршењето на пописот на средства и обврски. Едно лице е и сметководител и благајник, него го контролира генералниот секретар и толку. Нема последователна, крајна контрола на финансиските пресметки, се вели во извештајот.

    ДЗР препорачува Уставниот суд да донесе програми за работа и распоред, да врши целосен попис согласно прописите, да евидентира материјали и да набавува стоки и услуги со примена на Законот за јавни набавки.

    Ревизорите пребројале и колку Уставниот суд е ефикасен во работата, го зеле периодот од 2016 до 2019 година. Вели дека во просек годишно завршува 60 отсто, додека 40 отсто од предметите остануваат неодлучени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира