Уставниот судија Гоце Наумовски си поднел оставка без да го извести Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски или колегите судии.
Тие го бараат Наумовски цел ден, а тој не им крева телефон. Упорен, претседателот Дарко Костадиновски се јавил кај претседателот на Собранието Африм Гаши, каде што е избран Наумовски. Гаши му потврдил: „Да, судијата ме извести дека си поднесува оставка на функцијата“.
„До Судот, од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка. Судијата денеска беше отсутен од седницата. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор од претседателот на Собранието Африм Гаши“, соопшти Уставниот суд.
Од Судот велат дека судијата Наумовски најавил оти ќе дојде на денешната седница. Зошто ја поднесува оставката, не знаат.
По заминувањето на Наумовски, Уставниот суд ќе остане со седум судии.
Претходно си поднесе оставка професорката Јадранка Дабовиќ. Изборот на Наумовски во февруари 2026 година беше со многу негативни критики, бидејќи тој дојде од местото советник на премиерот Христијан Мицкоски. Брат е на професорот Васко Наумовски, кој беше вицепремиер и амбасадор во Вашингтон во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



