Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок кажа дека треба Европа треба да се донесе во Македонија за да не си заминат сите млади од земјата, на денешната прес-конференција во Скопје со македонскиот колега Бујар Османи. Таа вели дека за да почнат официјално пристапните преговори со ЕУ во декември треба што поскоро да се усвојат уставните измени во македонскиот парламент и најави дека ќе дојде пак во Скопје во декември, бидејќи, како што кажа таа, треба да се разговара со сите демократски фактори во земјата.
„Ќе дојдам во декември повторно, бидејќи треба да се разговара со сите демократски фактори во земјата. Знаеме колку е тешко кога се прават уставните измени, за секој глас треба да се борите. Така е и во Германија со цел да не може толку едноставно да се смени Уставот. Затоа мора да се седне на заедничка маса со опозицијата, тоа е силата на демократијата“, изјави Бербок.
Германската министерка кажа дека земјата чека пред вратите на ЕУ предолго, 17 години, и многу млади веќе си заминале.
„Ако не сакате сите млади да отидат во Европа, треба Европа да ја донесете овде. Сега кога мора да се промени уставот, можам само да ве охрабрам. Не само Владата, туку искористете ги сите расположливи средства за процесот да продолжи и тоа во наредните месеци“, рече Бербок.
Таа даде збор дека ЕУ нема да ја остави Македонија на цедило ако се спроведат уставните измени.
„Европската Унија вети и ќе остане на зборот – чекорот што сега треба да се направи е да се спроведат уставните измени“, изјави Бербок.