УСВОЕН ПОСЛЕДНИОТ НАЦРТ-АМАНДМАН ЗА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ КОЈ СЕ ОДНЕСУВА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИДЕНТИТЕТ, ЈАЗИК И КУЛТУРА

    УСВОЕН ПОСЛЕДНИОТ НАЦРТ-АМАНДМАН ЗА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ КОЈ СЕ ОДНЕСУВА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИДЕНТИТЕТ, ЈАЗИК И КУЛТУРАПратеничката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска рече дека ќе гласа за овој амандман бидејќи со него се заштитува и се гарантира македонскиот индентитет, јазик и култура. - Од гласањето за нацрт-амандманите (Фото: К. Попов)

    Собранието со 66 гласови „за“, 7 „против“ и 3 „воздржани“ го усвои текстот на нацрт-амандманот (36) за промена на Уставот предвиден со Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција.

    Со нацрт-амандманот (36) се предвидува: Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.

    Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

    Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.

    Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

    Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.

    Пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, предложи амандманот да се преформулира во „Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство и идентитетот на македонскиот народ“.

    „Овој предлог, произлегува од тезата дека со промената на уставното име не се менува идентитетот на државата, а меѓу другото има за цел да им одговори на официјалните и неофицијалните тврдења во Грција кои признаваат македонско државјанство, а го оспоруваат постоењето на македонскиот народ и нација и го сведуваат македонскиот идентитет на индивидуално право на самоидентификација. Предложи и неменување на Преамбулата на Уставот“, рече Минов.

    Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во репликата до Минов ја поздрави позитивната дискусија на Минов, и рече дека предлозите на Минов заедно со другите ќе бидат предмет во јавната расправа по нацрт-амандманите за промена на Уставот.

    Пратеничката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска рече дека ќе гласа за овој амандман бидејќи со него се заштитува и се гарантира македонскиот индентитет, јазик и култура.

    „Ова е значаен нацрт-амандман за да се зацврсти македонскиот идентитет и Републиката ќе води сметка за зацврстување на македонскиот идентитет“, рече Канчевска-Милеска.

    Пратеникот на Движењето Беса од крилото на Биљал Касами, Фадил Зендели, побара во нацрт-амандманот да се стават и другите етнички заедници надвор од Македонија, односно да има пишан текст со кој се гарантираат не само правата на Македонците.

    Заменик министерот за надворешни работи Жерновски за предлогот на Зендели рече дека ова не е конечната верзија на нацрт-амандманот и за тоа ќе се дебатира на јавната расправа. И пратеникот од Алијансата за Албанците Сурија Рушиди побара да се вметнат во амандманот и другите етнички заедници.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира