Училиштата и вработените во јавната и државната администрација во Скопје утре нема да работат поради посетата на папата Фрањо. Владата соопшти дека донела одлука 7 мај да биде неработен ден, согласно последните организациски проценки за посетата и барањата на институциите и граѓаните.
„Утре е неработен ден за вработените во јавната и државната администрација во Скопје. Со оваа одлука се опфатени основните и средните училишта, а градинките ќе бидат организирани непречено да ја извршуваат својата функција“, соопшти Владата и им препорача и на приватните компании, особено од централното градско подрачје, да ја прифатат одлуката овој ден да биде неработен и во овој сектор.
„На тој начин приватните компании ќе го дадат својот придонес во организацијата на програмските содржини од посетата на патпата. Дополнително ќе биде соопштено кој ден ќе биде определен за да се одработи утрешниот неработен ден“, велат од Владата.
Е. БОЧВАРОСКА