„Биди срцевина, биди херој“ е насловот на кампањата за подигање на свеста за запишување во националниот регистар на дарители на коскена срцевина што почнува в сабота, најави директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска-Ставридис. Таа рече дека со кампањата сакаат да ги поттикнат граѓаните да станат доброволни дарители на коскена срцевина.
„Довoлно е да однесат една епрувета крв на Инстититот за имунологија, каде ќе бидат типизирани и ќе станат потенцијални дарители. Еден ден ќе отсуствуваат од работа, а за две недели ќе им се регенерира организмот, а од друга страна ќе спасат нечиј живот“, рече Пановска-Ставридис.
Таа најави дека утре почнува дводневната работилница „Идни перспективи и предизвици“, на која учествуваат 60 врвни меѓународни експерти од земјава и странство за трансплантација на коскена срцевина, која ја орагнизираат во соработка со Институтот за имунологија и хумана генетика, Медицинскиот факултет и Министерството за здравство.