Тринаесет нови случаи на голема кашлица се пријавени во периодот од 6 до 12 септември, за 48 отсто помалку во споредба со претходниот седмодневен период, кога биле пријавени 25, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје (5; 38,5%), а пријавени се и по 3 случаи од Прилеп и Куманово и по еден од Кратово и Крива Паланка (Табела 1). Од новите случаи 6 (46,2%) беа хоспитализирани.
Возраста на заболените се движи од 5 месеци до 56 години, а најголем број на случаи се од возрасната група од 0-4 години (9; 69,2%).
Според вакциналниот статус на заболените, 9 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус и четири се вакцинирани согласно возраста.
Заклучно со 12 септември, во Македонија се регистрирани вкупно 1.087 случаи на голема кашлица. Сè уште најголем број од заболени лица се регистрирани на територијата на Скопје (71,7%), а заболени се регистрирани и во 22 други градови низ земјата. Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 0-4 години (34,7%), највисока инциденца се бележи во возрасната група под 1 година и изнесува 1.354,7/100.000 жител.
Од 18 јануари до 12 септември, дадени се вкупно 68.659 дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица.
Б. НЕСТОРОСКА