В. Д. ДИРЕКТОРИТЕ НА БОЛНИЦИТЕ СО ИСТЕЧЕН МАНДАТ ПОТПИШУВААТ НАБАВКИ И ПЛАТИ, ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ СИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ РЕШЕНИЈА ЗА НОВ МАНДАТ И НАЈАВИ ОГЛАС ЗА МЕНАЏЕРИ

    В. Д. ДИРЕКТОРИТЕ НА БОЛНИЦИТЕ СО ИСТЕЧЕН МАНДАТ ПОТПИШУВААТ НАБАВКИ И ПЛАТИ, ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ СИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ РЕШЕНИЈА ЗА НОВ МАНДАТ И НАЈАВИ ОГЛАС ЗА МЕНАЏЕРИДел од директорите на клиниките и болниците на кои им е истечен мандатот велат дека немаат информација дали ќе добијат нов мандат, а во меѓувреме мора да потпишуваат документи за да не запре работата (Фото:СДК.МК)

    Дел од директорите на клиниките, болниците и здравствените домови, на кои во текот на минатиот и овој месец им истече мандатот за вршител на должност, до крајот на оваа недела ќе добијат нови решенија за продолжување на мандатите. Тие велат дека немаат информација дали ќе им биде продолжен мандатот и како понатаму да постапуваат.

    „Во меѓувреме мора да потпишуваме документи, набавки, плати. Во спротивно, ќе треба целата работа да запре“, велат в. д. директори.

    Во сите 114 јавни здравствени установи од лани на функцијата директор именувани се вршители на должност. На дел од нив првиот шестмесечен мандат им истече во февруари, а на дел вториот шестмесечен мандат им е продолжен во мај годинава. Во меѓувреме, конкурс за избор на директори во јавните здравствени установи не е распишан.

    „Мандатот на сите в. д. директори на кои им е истечен им е продолжен за нови шест месеци. Решенијата се веќе потпишани. Тие што не ги добиле, ќе ги добијат до крајот на оваа недела“, вели Министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој кажа дека при крај се подготовките за распишување конкурс за избор на директори и дека кандидатите ќе треба да полагаат и менаџерски испит.

    „Досега оглас за избор на директори не е распишан оти моравме да ги промениме старите комисии, кои биле формирани пред повеќе години. Во меѓувреме, ги правевме и новите менаџерски тестови и при крај сме со подготовките за распишување конкурс. Сега им се продолжени мандатите за шест месеци, а целата постапка околу конкурсот очекуваме да заврши за три до четри месеци“, вели Филипче.

    Обврската при избор на директор во јавните здравствени установи кандидатите покрај останатото да полагаат и менаџерски испит беше воведена во 2012 со измени на Законот за здравствена заштита. Оттогаш досега ваков конкурс беше распишан само еднаш. Претходно и потоа директорите беа именувани за вршители на должност.

    Лани во јуни при превземање на власта, од Министерството за здравство кажаа дека од 114 здравствени установи само 13 имаат именувани директори, а останатите се вршители на должност. На дел од в. д. директорите им беше истечен и мандатот.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира