В.Д. ДИРЕКТОРОТ БЕСИМИ БИЛ ЗАДОЛЖЕН ЗА ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА

    В.Д. ДИРЕКТОРОТ БЕСИМИ БИЛ ЗАДОЛЖЕН ЗА ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦАОд посетата на Венко Филипче на Клиничката болница во Тетово во 2018 година, со директорот Флорин Бесими. (Фото: Министерство за здравство)

    За противпожарна заштита во модуларната ковид болница во Тетово која изгоре на 8 септември бил задолжен в.д.  директорот Флорин Бесими, според документот за изработка на проектот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Светска банка и Министерство за здравство.

    Модуларната болница во Тетово е дел од проектот „Итен одговор за ковид-19 на Северна Македонија“, со кој беа монтирани 17 модуларни болници низ целата земја. Според листата за проверка, директорите на болниците се надлежни за подготовка на план за заштита од пожар и имплементација на мерки за заштита во мобилната ковид болница, и тоа треба да биде направено на почетокот на работата на модуларната болница. Заедно со директорот на болницата, задолжени за противпожарната заштита се и одговорни лица вработени во болницата. Според проектот, планот за заштита од пожар и имплементацијата на мерките за заштита се на товар на буџетот на болницата.

    Директорите на болниците се задолжени и за редовно одржување на инсталациите (водовод, канализација, струја, греење) во болницата, но тука надлежноста ја делат со претставници на Општина Тетово, комунален инспектор и одговорни лица вработени во болницата. И оваа надлежност е товар на болничкиот буџет. Листата со проверки е дел од документацијата за изградба на модуларните болници, која е објавена од МТСП, преку кое се менаџира заемот од Светска банка за справување со ковид-кризата.

    Директорот на Тетовската болница Бесими поднесе оставка на 10 септември, два дена по пожарот во кој загинаа 14 лица. Истиот ден поднесоа оставки и министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани.

    „Истрагата треба да утврди дали и како по предавањето објектот бил одржуван и раководен, а Министерството за здравство, а апелирам и сите други институции да соработуваат со истрагата зашто во најголем интерес е да се утврди што се случувало“, рече Филипче на 9 септември, на првата прес-конференција по катастрофална несреќа.

    За гасењето на пожарот сведочеше пожарникарот Игор Симовски, кој беше во првото противпожарно возило кое пристигна на местото на пожарот. Тој кажа дека кога дошле, струјата и доводот на кислород не биле исклучени.

    „Откако го добивме повикот, противпожарното возило за 4 минути беше на местото каде изби пожарот. Кога стигна првото возило, целата болница од почетокот до крајот беше во пламен. Температурата беше огромна и немаше шанса ниту еден пожарникар да влезе. Ние што бевме на смена и тие пожарникари кои што беа повикани од дома, се трудевме првин да го изгасиме огнот, а дури потоа да влеземе и да ги спасиме луѓето. Во тој момент струјата во објектот не беше исклучена, а не беше исклучен ниту доводот на кислород. Пожарот се гасеше под огромен ризик, бидејќи лесно можеше да настрада некој пожарникар или од струен удар или од експлозија на некој од садовите со кислород. Тоа и се случи подоцна кога влеговме“, рече пожарникарот на 10 септември.

    Флорин Бесими единаесет години е вршител должност директор, иако тоа не е законски.

    Според Законот за здравствена заштита, в. д. директор може да биде на функција најмногу до 6 месеци, а Управниот одбор на болницата е должен да распише оглас за избор на директор, кого по препорака на Здравствениот совет го именува министерот за здравство. За функцијата директор на јавна здравствена установа мора да се се исполнат одредени критериуми. Болницата во Тетово како клиничка болница и регионален центар поврзан со Медицинскиот факултет во Тетово е од највисок ранг во системот на јавното здравство.

    Последен пат за в. д. директор д-р Бесими е именуван во мај годинава. Нему мандатот како вршител на должност медицински директор му завршил во март. По последното именувањето во мај, и нему и на Артан Едеми, кој е в.д. организациски директор од министерот за здравство писмено им било укажано дека Управниот одбор на болницата мора да распише конкурс за директори. Дознаваме дека Бесими за таа обврска бил предупредуван во неколку наврати.

    Бесими, кој е гинеколог во болницата, првпат е именуван за в. д. директор во декември 2010, за време на владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кога бил шеф на Гинеколошкиот оддел. На парламентарните избори во јули 2020 беше избран за пратеник од редовите на ДУИ, но поднесе оставка, за да се избегне можен конфликт на интереси при гласањето во Собранието на новата Влада во која за министер за финансии беше предложен брат му Фатмир Бесими. На ланските избори на листата на ДУИ во Шестата изборна единица беше на второто место, веднаш по лидерот Али Ахмети.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира