На две години пред пензија, истакната и високобочувана вработена, која била претседателка на синдикалната организација во ЈСП Скопје, била казнета од директорот Драги Кушовски зашто изјавила на медиумите дека состојбата во претпријатието е катастрофална. Со решение тој ја преместил да работи на организација на автобуски постојки, за помала плата.
Синдикалката во септември го пријавила директорот во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која на почетокот на овој месец донела одлука дека „се утврдува директна дискриминација врз претседателката на синдикалната организација врз основа на личен или општествен статус-претседател на синдикална организација на ЈСП Скопје во областа на работата и работните односи и членувањето и дејствувањето во синдикални, политички партии, здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство, сторена од страна на в.д. генералниот директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, Драги Кушовски“.
Во претставката 60-годишната вработена навела дека била прашана од медиумите за катастрофалната состојба во претпријатието и нејзина морална обврска било да им каже точно како што е состојбата. Но, по 38-годишна работа, директорот на 12 август веднаш “поради итност на работите“, како што рекол, ја преместил вработената од диспечерка, на терен да ги организира автобуските постојки. Тоа било за многу помала плата, што кај пријавителката предизвикало огромен стрес, па завршила на психијатар.
Кога Комисијата му се обратила на генералниот директор за преместувањето, оттаму стигнал одговор дека на крајот на месецот ја вратиле на работното место и оти според менаџментот, нема тука никаква дискриминација.
По утврдувањето на директна дискриминација од генералниот на ЈСП Кушовски, Комисијата донесе препорака и јавно ја објави дека во иднина тој не смее да дискриминира и казнува за изнесени ставови и оти следниот чекор ќе биде пријава против него пред надлежен суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА