ВАКА ВЕЌЕ НЕ МОЖЕ, КАЖА ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈА

    ВАКА ВЕЌЕ НЕ МОЖЕ, КАЖА ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈАСпоред вицепремиерката Грковска, случајот со апсењето на потпретседателката на Европскиот Парламент Ева Каили во истрага за корупција е доказ дека никој не е имун на корупција. (Фото: Влада)

    Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска вели дека доаѓа време кога секој ќе полага испит за политичка зрелост и оние кои нема да го положат ќе опстојат ќе бидат избришани од граѓаните. Кога е во прашање корупцијата, Грковска вели дека „вака веќе нема да може“, зборувајќи на денешната регионална конференција за борба против корупцијата.

    „Мислам дека сега секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, останатите кои ќе се борат да остане статус кво состојба, ќе бидат избришани од граѓаните. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како досега, едноставно веќе нема да може“, кажа Грковска.

    Според вицепремиерката, случајот со апсењето на потпретседателката на Европскиот Парламент Ева Каили во истрага за корупција е доказ дека никој не е имун на корупција, туку е меѓународен проблем кој никогаш нема да биде целосно искоренет.

    „Нема општество, нема институција, потполно имуна на корупција. Случајот со потпретседателката на Европскиот Парламент покажува дека тоа не е предизвик со кој се соочува една институција од една земја, не е предизвик само на еден регион, туку интернационален проблем кој никогаш нема да биде сосема искоренет. Факт е дека има многу примери за корупција насекаде, но исто така е факт дека секоја држава е различно подготвена и различно реагира на ваквите појави“, рече Грковска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира