ВАКОВ СРАМ НЕ ДОЖИВЕАЛО НИЕДНО РАКОВОДСТВО НА ВМРО, МУ ПИША МИЈАЛКОВ НА МИЦКОСКИ ЗА САМИТОТ НА ЕПП

    ВАКОВ СРАМ НЕ ДОЖИВЕАЛО НИЕДНО РАКОВОДСТВО НА ВМРО, МУ ПИША МИЈАЛКОВ НА МИЦКОСКИ ЗА САМИТОТ НА ЕППЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не одговори на првото писмо на Сашо Мијалков, со образложение дека станува збор за внатрепартиски работи. - Мицкоски и Мијалков (Фото: СДК.МК)

    Исклучениот од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков пак му пиша отворено писмо на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, велејќи дека ниедно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија (ЕПП), откако на Самитот на ЕПП во Хелсинки заминаа две делегации на партијата.

    „Ниедно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија, а се надевам дека нема ни да доживее во иднина. Се надевам и посакувам во иднина секој прв човек на ВМРО дека ќе биде фактор кој ќе биде прашан околу тоа дали ќе има една или две партиски делегации и кој ќе биде во тие делегации. Ти не си фактор и наместо да ја обединиш и зацврснеш партијата, ти ја слабееш и ја делиш. За тоа си крив ти, твоето лицемерие, лажниот патриотизам и твојата незаинтересираност за иднината на Македонија“, се вели во писмото на поранешниот директор на УБК.

    Мијалков вели дека Дорис Пак и Јоханес Хан во иста вечер на социјалните мрежи јавно го избламирале Мицкоски, што, според Мијалков, значи дека тие ги прочитале лагите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и не му веруваат. Тој го обвини Мицкоски дека неговите советници од доверба шетаат по Скопје и зборуваат дека партијата треба да си побара партнер на исток.

    „Во иста вечер јавно да те бламираат и да ти пишуваат пораки на социјалните мрежи и Дорис Пак и Јоханес Хан не говори ништо друго, освен што покажува дека и тие ги прочитале твоите лаги и не ти веруваат. Одлучиле да ти твитнат за да не ти текне да си пренесеш само тоа што ти одговара и да лажеш дека имаш поддршка за штетата што ја предизвикуваш и по Македонија и по ВМРО. Така е тоа Христијане кога играш дупло. Така е тоа Христијане со искусни политичари кои знаат дека твои советници од доверба шетаат по Скопје и зборуваат ’а да си побаравме ние друг партнер, на исток‘“, пишува Мијалков.

    Мијалков повторно го прашува Мицкоски дали ќе организира протести и дали во Собранието ќе ги искористи сите средства за да го блокира Договорот од Преспа.

    „Нели Христијане клечеше, се крстеше и се колнеше во Македонија? Која е сега таа конструктивност која што СЕГА ти стана повредна од Македонија? Има ли твојата „борба за Македонија“ цена и која е таа? Дали ќе организираш протести и дали во Собранието ќе ги искористиш сите средства за да го блокираш договорот од Преспа, а такви средства имаш многу? Ќе предложиш ли Христијане неколку илјади амандмани или ќе ти бидат виновни други пратеници кои не биле доволно ангажирани? Ќе организираш ли секојдневни протести пред Собрание за да покажеш колкава поддршка имаш од народот или ќе ги обвиниш структурите дека биле пасивни? Ќе сториш ли нешто или ќе се правдаш како имало нова реалност, а ти кутриот не си моќен да преземеш ништо?“, прашува Мијалков.

    Ексдиректорот на УБК бара од Мицкоски да им се извини на македонските граѓани што ги лажел дека ќе го бранел името до крајот и повторно го обвини за лицемерие и двојни игри. На крајот од писмото, Мијалков побара од Мицкоски да се врати на прозападниот курс на партијата.

    „Ти не си ВМРО. ВМРО е над тебе. Ти си времено на функција во ВМРО. Доколку ВМРО загуби на претстојните избори затоа што е изолирано, тоа ќе биде само заради тоа што немаш капацитет. Крајно време е да размислиш и одлучиш, за враќање на прозападниот курс, зацртан во трајните определби на партијата“, завршува Мијалков.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира