ВАКЦИНАЦИЈАТА ЌЕ БИДЕ УСЛОВ ЗА ГРАДИНКА И ШКОЛО, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ПО ПОВОД ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА ИМУНИЗАЦИЈАТА

    ВАКЦИНАЦИЈАТА ЌЕ БИДЕ УСЛОВ ЗА ГРАДИНКА И ШКОЛО, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ПО ПОВОД ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА ИМУНИЗАЦИЈАТАПревентивни тимови од 23 до 29 април за време на Европската недела на имунизацијата ќе одат на терен ќе ги проверуваат вакциналните картони и ќе бараат невакцинирани деца и лица за да бидат имунизирани - Мминистерот за здравство Венко Филипче на собирот во Градскиот парк во Скопје

    Под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај“ во Градскиот парк во Скопје, Министерството за здравство организираше забавно-едукативен настан, со што по 13. пат се вклучи во одбележување на Европската недела на имунизацијата.

    Преку овој настан здравствените власти се обидуваат да ја зголемат јавната свест дека вакцинацијата е најдобриот и најекономичниот начин за спречување на епидемии од заразни болести, а некои од нив со децении ги нема во нашата земја.

    Министерот за здравство Венко Филипче, покрај кампањата за подигање на јавната свест, најави и повеќе мерки. Превентивни тимови од 23 до 29 април за време на Европската недела на имунизацијата ќе одат на терен ќе ги проверуваат вакциналните картони и ќе бараат невакцинирани деца и лица за да бидат имунизирани. Министерството во годинешниот тендер за набавка на вакцини планира да вклучи и уште две вакцини, за рота вирус и за стрептокока, кои во редовниот календар за имунизација ќе влезат од следната година.

    „Услов за запишување во градинка и во училиште ќе биде децата да бидат вакцинирани и се надеваме дека тоа ќе успееме да го спроведеме годинава од септември, бидејќи треба да се прилагоди и законската регулатива во труд и социјална политика и во образование“, вели Филипче.

    Потребата од ваква кампања, како што велат од Министерството, е поради тоа што последните три години постојано опаѓа опфатот на вакцинирани деца, а најдрастичен е падот минатата година, кога биле вакцинирани 91 отсто од децата, а за вакцината против мали сипаници опфатот изнесува 82 отсто. Согласно препораките од Светската здравствена организација (СЗО) за да имаме добар колективен имунитет, против заразните болести, од кои некои се и смртоносни, опфатот на вакцинирани треба да биде најмалку 95 отсто.

    Со забавно-едукативниот настан во Градски парк во Скопје почна одбележувањето на Европската недела на имунизацијата

    Овој пад на опфатот на вакцинирани според проф. Александра Грозданова, од Фармацевтскиот факултет, Македонија ја сместува во високо ризичните земји за појава на епидемии од смртоносни заразни болести. Некои од овие болести со децении се искоренети во Македонија, односно последниот случај на дифтерија е регистриран пред 40 години, а последниот случај на детска парализа пред 31 година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира