Министерот за здравство Венко Филипче заедно со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ја пречекаа пратката вакцини „Спутник“ од Русија, за околу 3.000 граѓани, како прва доза. Пратката стигна со редовен лет на „Ер Србија“ од Белград.
До крајот на овој месец, се очекува да стигнат вакцини и од други производители: кинеската „Синофарм“, „АстраЗенека“ и „Фајзер“. Нарачани се над 2 милиона вакцини. Но, само 120.000 граѓани се пријавиле досега за имунизација.
„Спутник“ ќе се чуваат на температура од минус 18 степени. Вакцинирањето ќе биде во здравствените домови. Почнува од среда.
Филипче му се заблагодари на рускиот амбасадор, додека Баздникин кажа дека вакцината е многу ефикасна и стана светски бестселер, како и тоа дека во над 45 држави, меѓу кои и европски, е веќе одобрена. Тој рече дека уште не е вакциниран, очекува пратка од Русија за амбасадата.
Со оваа прва доза „Спутник“ ќе се вакцинираат здравствените работници. Нивното вакцинирање почна, но не беше доволно, со осумте илјади вакцини што ни ги отстапи Република Србија.
С. К. ДЕЛЕВСКА