ВАНЕ ЦВЕТАНОВ ЈА АНГАЖИРАЛ ЖЕНА МУ ДУНАВКА ДА МУ ПОМАГА ВО ДРЖАВНАТА ИНСТИТУЦИЈА КАДЕ Е ПРЕТСЕДАТЕЛ

    ВАНЕ ЦВЕТАНОВ ЈА АНГАЖИРАЛ ЖЕНА МУ ДУНАВКА ДА МУ ПОМАГА ВО ДРЖАВНАТА ИНСТИТУЦИЈА КАДЕ Е ПРЕТСЕДАТЕЛ„Нормално дека жена ми ќе дојде да ми помогне кога гледа дома колку работа имам, а немам доволно вработени“, вели Цветанов. (Фото: Фејсбук)

    Ване Цветанов, како претседател на државната институција Совет за унапредување и надзор на ревизијата, ја ангажирал жена му Дунавка Трифуновска да му помага во работењето. Трифуновска, која е поранешна мис на Македонија, оди секој ден на работа во оваа државна институција, а како што вели Цветанов за САКАМДАКАЖАМ.МК за ангажманот не зема пари туку работи волонтерски.

    Дунавка е ангажирана со договор за нула денари. Нормално дека жена ми ќе дојде да ми помогне во работењето кога гледа дома колку работа имам, а немам доволно вработени. Министерството за финансии не ми одобрува вработувања, а пред две години една вработена замина во пензија, лани во март и сметководителка ја напушти институцијата. И покрај тоа што законски ми следуваат вработувања и имаме пари, министерот за финасии не ми одобрува вработувања. Затоа Дунавка ми помага, а за тоа не добива ниту денар и немам зошто тоа да го кријам“, вели Цветанов кого Владата на оваа функцијата го назначи во јули 2019.

    Цветанов не смета дека има нешто спорно во тоа што Трифуновска со која имаат склучено само црковен, но не и граѓански брак, работи во институцијата со која тој раководи. Потврдува дека заедно со него одела на службени патувања дома и во странство.

    Нормално дека Дунавка патувала со мене и голем дел од успесите на институцијата се нејзина заслуга. Нејзе државата ѝ должи за сето она што го направила за оваа институција на полето на ревизијата. Работи сè, има познавања не само од менаџментот туку и во многу други области. За сите успеси и големиот напредок на Советот за унапредување и надзор на ревизијата во изминатиов период заслуга има Дунавка“, додава Цветанов.

    Цветанов во време на ВМРО-ДПМНЕ беше директор на на Агенцијата за спречување перење пари и финансирање тероризам. Тој беше обвинет за злосторничко здружување и издавање службена, државна или воена тајна во случајот „Шпион“, во октомври 2014. Беше осуден на 3 години затвор, а Апелациониот суд во октомври 2016 казната му ја намали на условна затвор од 2 години, која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело.

    Цветанов беше гласен укажувач за криминалите на Владата на Никола Груевски. По излегувањето од затвор формираше навладина организација што се занимаваше со следење на судски процеси на политички затвореници од времето на Груевски. 

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира