ВАНГЕЛОВСКИ РЕАГИРАШЕ ИТНО ЗА ПРИТВОРОТ НА КОЧАН, ЗА КОСТОВСКИ ОД СЛУЧАЈОТ СО ПРИСЛУШУВАЊЕТО „ПУЧ“, ЗАМИНАЛ НА ОДМОР

    ВАНГЕЛОВСКИ РЕАГИРАШЕ ИТНО ЗА ПРИТВОРОТ НА КОЧАН, ЗА КОСТОВСКИ ОД СЛУЧАЈОТ СО ПРИСЛУШУВАЊЕТО „ПУЧ“, ЗАМИНАЛ НА ОДМОРСпецијалното јавно обвинителство има поднесено до Врховниот суд Барање за заштита на законитоста за спогодбата на контраразузнавачот Ѕвонко Костовски, единствениот осуден во Македонија за масовното нелегално прислушување, со Обвинителството за организиран криминал. - Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски заминал на одмор, оставајќи го без одлука предметот за мистериозната спогодба на обвинителството на Марко Зврлевски со Ѕвонко Костовски, кој во таа спогодба признал дека прислушувал по налог на Зоран Верушевски. За овој случај, Барање заштита на законитоста (БЗЗ) има поднесено специјалната обвинителка Катица Јанева.

    Вангеловски не реагираше вака бавно кога требаше да се спаси избеганиот бизнисмен Сеад Кочан, за кого СЈО бараше и доби притвор во предметот „Труст“. Марко Зврлевски поднесе БЗЗ на барање на адвокатот Никола Додевски, по што Вангеловски веднаш го свика Кривичниот совет на Врховниот суд и експресно го поништи решението на Апелациониот суд за притвор за Кочан. По ослободувањето, бизнисменот Кочан веднаш се врати од двомесечниот службен пат.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Вангеловски по смс зошто Кривичниот совет не одлучи експресно како и за БЗЗ-то за ослободувањето на Кочан, кога веќе таму пристигна долго криената спогодба, но одговор не добивме.

    Речиси цела година Зврлевски и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски криеја физички каде се наоѓа спогодбата со Ѕвонко Костовски, за која се заинтересира и Стејт Департментот.

    По една година криење на спогодбата, која всушност е потпишана меѓу Костовски и јавниот обвинител за организиран криминал Златко Биковски, близок соработник на Зврлевски, Советот на јавни обвинители на крајот на јуни со мнозинство гласови одлучи да ја открие. Првин му беше вратена од некаде (не се дозна кај била криена) на Основниот суд Скопје 1, а од таму испратена во СЈО.

    На 13 јули конечно спогодбата е примена во Врховниот суд и според информацијата што ја доби дента САКАМДАКАЖАМ.МК од Судот, предметот бил земен да се работи. Поминаа две недели во кои Врховниот суд беше на штрек и се бавеше само со жалбените постапки за притворите и за одземените пасоши на обвинетите од Специјалното обвинителство. Кривичниот совет на чело со Вангеловски учествуваше во уште еден преседан по ослободувањето од притвор на Кочан. Овојпат ги потврди одлуките за двајца од обвинетите, но долгиот пат на жалбите на Горан Грујовски, Тони Јакимовски и на Никола Бошковски од Скопска апелација до Врховниот суд во измислената жалбена постапка, која тие ја тераа непритворени, беше давање шанса од овие два суда на Грујовски и Бошковски да избегаат.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека СЈО се сомнева во тоа како била склучена спогодбата за признавање на вина од страна на осудениот Костовски, кога во тој момент кога ја потпишал немало обвинети.

    Стејт департментот во извештајот за човековите права и слободи за минатата година го нотира и мистериозниот случај на разузнавачот Ѕвонко Костовски, кој е осуден на тригодишна затворска казна за помагање во нелегално прислушување, а покрај Зоран Верушевски и сопругата Соња Верушевска, беше обвинет и премиерот Зоран Заев, како тогашен лидер на опозицијата. До денеска, никој во јавноста не ја видел таа спогодба на Костовски и Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, па дури ни Врховниот суд, кој од октомври лани чека предметот да дојде таму и конечно да почне.

    „Извештајот на експертската група на Европската комисија од јуни 2015 година покрена сомнежи дали била фер пресудата за Звонко Костовски, обвинет во т.н. случај „Пуч“. Костовски, контраразузнавач во МВР, призна дека е виновен за шпионажа и нелегално пресретнување на комуникации и беше осуден на три години затвор. Костовски тврдел дека тој ги снимил компромитирачките разговори со цел лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев да го уценува поранешниот премиер Никола Груевски да ја вклучи СДСМ во владата. Во извештајот, експертската група (на Прибе н.з.) изрази сомнеж дека било невозможно да се знае до кој степен фактите ја поткрепувале спогодбата и дали малата казна изречена од судијата била награда за учество во заташкување на вклученоста на други“, се наведува во извештајот на Стејт Департментот.

    Обвинителот Биковски, кој е застапник на спогодбата со осудениот Костовски, беше застапник и на обвинението „Поткуп“против премиерот Зоран Заев, за кое се води судски процес во Основниот суд Скопје 1.

    Катица Јанева на 18 јануари годинава го повлече обвинението за „Пуч“, бидејќи, како што рече, доказите кои ги открило Специјалното обвинителство, не упатуваат дека тешкото кривично дело го сториле Костовски и останатите обвинети. Таа масовното прислушување го води во предметите „Тврдина“ и „Таргет“, чии главни обвинети со помош на Апелациониот суд Скопје и на Врховниот суд побегнаа.

    Освен со бегството на Грујовски и на Бошковски, главните обвинети во „Таргет“ и „Тврдина“, вистината за ова брутално кршење на човековите права и слободи, велат во МВР и судии од Основниот суд Скопје 1, се спречува и на друг начин, преку неотворањето на спогодбата со единствениот осуден во Македонија за прислушувањето, која треба да разјасни кој се бил вклучен во обвинението за „Пуч“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира