ВАНГЕЛОВСКИ И РИБАРЕВ СОСТАВУВААТ ТЕКСТ СО КОЈ КОЧАН ЌЕ СЕ ВРАТИ ОД СЛУЖБЕН ПАТ

    ВАНГЕЛОВСКИ И РИБАРЕВ СОСТАВУВААТ ТЕКСТ СО КОЈ КОЧАН ЌЕ СЕ ВРАТИ ОД СЛУЖБЕН ПАТНа иницијатива на претседателот на Врховниот Суд Јово Вангеловски, врховните судии на општа седница на 27 април донесоа одлука да може републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски да се меша во предметите на СЈО и по секој одреден притвор во предмет на СЈО, Зврлевски да може да ги ослободува притворените, како што е во случајот со Кочан. - Зврлевски и Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    На маки се претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев.

    Вангеловски со уште четворица врховни судии во петокот донел одлука да му се укине притворот на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, а претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев треба да ја изврши одлуката на Врховниот суд. Тие треба утре да се појават со официјален текст пред јавноста со кој треба Кочан да го вратат од службен пат.

    Кочан два месеца и шест дена е во бегство и не и е достапен на истрагата што ја поведе против него Специјалното обвинителство, но неговата одбрана  тврди дека тој не треба да се води како избеган, туку дека е бизнисмен на службен пат.

    Вангеловски викендов не одговараше какво решение донел Кривичниот совет, кој, исто така, е раководен од него. И Рибарев тврди дека не го видел решението од Врховниот суд, бидејќи доцна во петокот, кога тој веќе бил излезен од работа, тоа решение стигнало во архивата на судот.

    Останува прашањето дали е повлечена потерницата против осомничениот Кочан и кој испратил наредба до МВР. Во прашање се плус-минус три дена за враќањето на Кочан да се брани од слобода, бидејќи притворот му го укина Врховниот суд на барање на државниот обвинител Марко Зврлевски. Но принципиелно, проблемот е во мистеријата и нетранспарентноста што ја тераат двата суда околу одлуката, бидејќи никој во МВР не сака да се меша околу потерницата побарај-повлечи за Сеад Кочан.

    „Тоа е работа на Основниот суд Скопје 1. Од таму стигна барање за распишување потерница против ова осомничено лице, истиот суд треба да побара повлекување на потерницата и тој треба да ја извести јавноста, а не МВР. Ние не сме виделе такво барање, а и да сме го виделе, тоа си е работа на Основниот суд Скопје 1“, велат во Министерството.

    Поискусните оперативци во МВР меѓутоа предупредуваат дека се работи за идентична ситуација на осомничен во комплексно кривично дело, чија истрага СЈО, или друг јавен обвинител во иднина, може да ја шири и на други лица, како што беше случајот со сега покојниот Коста Крпач кои исто така бил осомничен.

    Сеад Кочан е сопственик на „Трансмет“ и од Специјалното јавно обвинителство во случајот „Труст“ е осомничен дека со фалсификувана документација, заедно со фирмите „Силекс Неметали“ и „Вато“ добиле тендер од државната компанија ЕЛЕМ, вреден 17 милиони евра.

    Но, истрагата потекнува од најмалку два разговора од бомбите, каде се договара и мести лицето Сеат Ибица (Сеад Кочан н.з.) да добие милионски тендер што треба да го плати државната компанија ЕЛЕМ, што е уште потешко кривично дело, од највисоките претставници на власта и од раководството на ЕЛЕМ, за кои се слуша јасно дека го договараат тендерот.

    СЈО потврди дека не добило никакво решение од Врховниот суд во врска со предметот за Кочан. И таму го чекаат понеделник, Кривичниот суд да им испрати решение и да знаат каква е одлуката на Врховниот суд.

    Пред два дена Кривичниот суд, по барање на Специјалното обвинителство, го замрзна имотот и три сметки на сопственикот на „Трансмет“.

    Во Основниот суд Скопје 1, сега ги нема судиите кои со Гордана Спировска како претседател на советот, еднаш гласаа за да му биде одреден притвор на Кочан. Со новиот распоред на претседателот Стојанче Рибарев, сега тие судии се тргнати.

    Предлог за укинување на притворот на Кочан поднесе државниот обвинител Марко Зврлевски. Вангеловски поднесе иницијатива до Врховниот суд, а врховните судии на општа седница на 27 април донесоа одлука да може Зврлевски да се меша во предметите на СЈО и после секој одреден притвор во предмет на СЈО, Зврлевски да може да ги ослободува притворените, како што е во случајот со Кочан.

    „Сега нема пречки Кривичниот совет на Врховниот суд чиј претседател сум јас да одлучува за Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) на Јавниот обвинител на РМ за случајот Кочан“, потврди тогаш Вангеловски на брифинг со новинарите.

    На новинарско прашање дали Зврлевски отсега ќе го контролира СЈО, Вангеловски негираше, и посочи дека таа можност Јавниот обвинител на РМ да може единствено да го користи овој вонреден правен лек, ја пишува во Законот за кривична постапка и тоа е така сѐ уште.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира