Мерка притвор во траење од 30 дена ѝ одреди судијата на претходна постапка на 23-годишната велешанка, која вчера беше приведена за убиство на партнерот со кого живеела во вонбрачна заедница. Според истрагата на Обвинителството, убиството настанало по вербална и физичка расправија меѓу нив. 40-годишниот А. Р. ја фатил за врат П. И. со намера да ја дави, па таа со нож го прободела во левата страна на градниот кош и тој починал.
„Имајќи ги предвид видот, тежината на кривичното дело и запретената казна, наоѓајќи дека осомничената може да се даде во бегство или да ги уништи и сокрие трагите од предметното кривично дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Велес достави предлог за определување мерка притвор за обезбедување на нејзиното присуство во текот на постапката. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителот и на осомничената и определи притвор во траење од 30 дена“, велат од Обвинителството.
Соседите вчера кажаа дека убиениот бил полицаец, ја малтретирал девојката со која живееле заедно 4-5 години.