Царинската управа, во соработка со полицијата, на Скопскиот аеродром откри и заплени околу два килограми кокаин кај државјанин на Венецуела, кој слетал од Цирих вечерта на 5 декември, соопшти Царинската управа.
„На 5.12.2018 година околу 20,30 часот со летот од Цирих, на влез во Република Македонија селектиран е детално прегледан патник државјанин на Република Венецуела. При прегледот, во неговиот багаж пронајдено е околу 2 кг бела прашкаста материја, која при проверка со тестер за дрога дала позитивен резултат за присуство на кокаин хидрохлорид, што индицира дека непознатата растителна материја е наркотична дрога кокаин. По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата прашкаста материја е доставена на вештачење со кое е утврдено дека станува збор за кокаин“, се вели во соопштението.
Вредноста на запленетата дрогата, според Царинската управа, на црниот пазар во Република Македонија, изнесува околу 140.000 евра, додека истата при продажбата на мало би била повеќекратно зголемена и би достигнала вредност околу 570.000 евра.
Царинската управа до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот поднесе кривична пријава, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.