Почна борбата на вештаци во сложениот корупциски предмет во кој над 4 години е замрзнато седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во таканаречената Бела палата, како и за 30-тина партиски штабови, нелегално купени со пари од ДГ Бетон на Минчо Јорданов. Случајот е познат од времето на СЈО како Талир 2.
Уште 39 штабови низ Македонија што ги има купено партијата во време на Никола Груевски на незаконит начин се замрзнати во друг предмет, со перење пари преку уплатници на име на членството, без нивно знаење, во друг предмет Талир 1.
Судењето за Белата палата е при крај и од одлуката на судот ќе се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја задржи десеткатницата, луксузните предмети, мебел и опрема во неа, како и штабовите, или државата ќе ги конфискува.
Главното кривично дело во овој сложен предмет е што Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Кирил Божиновски како генерален секретар преку партијата оствариле профит од над два милиона евра, испумпувајќи пари од бизнисменот Минчо Јорданов, чија градежна компанија тогаш добиваше тендери за Скопје 2014 година и други од државата.
Со Законот за политички партии забрането е партиите да остваруваат профит. Може да стопанисуваат само во рамки на пазарна вредност на стоките и услугите, тоа што е над таа вредност треба да враќаат во Буџетот. Но, според обвинението, тие не само што не го вратиле профитот во Буџетот на државата, туку со парите од партнерот ДГ Бетон, кој остварувал приходи од тендерите на државата под власт на Груевски, склучиле договор да им ја изгради 10-катната зграда – седиште на ВМРО-ДПМНЕ, да им даде пари за уште 30 штабови низ Македонија, да им ги купи лустерите, скапите паркети, мебелот и опремата во партиското седиште.
Според обвинението, тука се гони чиста корупција. Уште еден доказ за тоа е што ДГ Бетон тогаш не смеел да склучува договор со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во тој момент 80 отсто од приходите што ги остварувала компанијата, биле од тендери добиени од државата.
Вештакот ангажиран од избеганиот Никола Груевски и од второобвинетиот Кирил Божиновски, за да ги оправда двата милиона евра кои Бетон незаконски ѝ ги префрлил на ВМРО-ДПМНЕ, тврди пред судот дека метар квадратен деловен простор на тоа земјиште на улица Македонија чини до 7.000 евра. Рече дека цената ја врзува со „енормната пазарна вредност на земјиштето во Центар каде се наоѓа партиското седиште“.
Притоа, вештакот не спомена дека ВМРО-ДПМНЕ во време на владеењето на Груевски, земјиштето на кое е изградена Белата палата го купила за само 110 евра метар квадратен. Го купила на јавно наддавање за багателна цена од Министерството за транспорт и врски, додека министер бил Миле Јанакиески, за околу 150.000 евра.
Сега вештакот на ВМРО-ДПМНЕ го убедува судот дека земјиште купено за 150.000 евра, вреди 8 милиони евра.
Според обвинението, Груевски и Божиновски се обвинети дека ја злоупотребиле службената положба и овластувањата со тоа што спротивно на Законот за политички партии, прифатиле изградба на објект кој бил многу поскап од вредноста на земјиштето кое го поседувала партијата и воедно примиле дополнителни два милиона евра од Бетон.
Во периодот 2012-2013 година, Бетон изведувал градежни работи по пат на јавни набавки, па секоја услуга која Бетон ја обезбедувал на политичката партија, а која отстапува од пазарната вредност и не е сразмерна, се смета за донација. Според тоа, партија може да стопанисува и да биде соинвеститор, само до ниво на пазарната вредност на инвестицијата, што очигледно не е случај. Според Законот за финансирање на политичките партии, ако донацијата доаѓа од субјекти кои не можат да бидат донатори, како во слулајов „Бетон“, донација не смее да се прими и треба да се врати или уплати во Буџетот.
А „Бетон“ во овој случај не ни смеел да го гради седиштето на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, зашто, како што беше споменато, во тој период веќе имал добиено голем број договори за јавни набавки, кои изнесувале и над 75 отсто од вкупните приходи на компанијата.
Од она што можеше да се види на последното рочиште, на одбраната ѝ треба да докаже дека трошокот што „Бетон“ го имал за изградба на штабот и двата милиона евра кои ги уплатил на ВМРО ДПМЕ, се всушност пазарна вредност на плацот, а не се донација. Но, обвинителството смета дека метар квадратен во 2012/2013 година според проценките на вештакот што го ангажирала обвинителката Ленче Ристоска таму чини во просек 1.000 евра, никако 7.000 евра и дека сумите се извадени од ракав.
Што е суштината на случајот Талир 2, поради кој е замрзнат имот на ВМРО-ДПМНЕ од речиси 5 милиони евра?
Партијата за време на своето владеење, уште во 2009 година го купува државното замјиште во срцето на Центар (Мал Ринг) за 110 евра метар квадратен. Потоа во 2012-2013 година партијата склучува договор за соинвеститорство со ДГ Бетон за изградба на хотел и седиште на партијата. Во меѓувреме неколку пати се менува ДУП-от, па површината на објектот е енормно зголемена и предвидена е 100% изграденост на земјиштето. При градбата, Бетон наводно греши и на партијата ѝ изградува помалку од тоа што е договорено.
Бетон вели – разликата ќе ви ја платиме. Два милиона евра отштета за згрешеното, компанијата ѝ исплаќа на владејачката партија, која на Бетон ѝ враќа со најголемиот број на тендерите во државата, повеќето поврзани со градежните активности за проектот „Скопје 2014“. Бетон тие два милиона на партијата на Груевски ги исплаќа на рати. Како што ги дава парите, така Груевски и Божиновски купуваат имот за штабовите. Исплатите според обвинителството се вршат на 15 пати, по различни износи од по 150.000 евра, па по 200 илјади евра…и така легнуваат до два милиона евра на сметката на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако договорот за соинвеститорство предвидел изградба на партиски штаб и хотел, хотел до денеска нема, има само зграда што ја користи ВМРО-ДПМНЕ. Сепак овој дел е исклучива сопственост на партијата и Бетон нема ништо функционално во овој дел од зградата, за што доказ е штабот на 8 кат од кој судот утврди дека се диригирал нападот на Собранието на 27 април.
Антонио Георгиев , технички советник ангажиран од одбраната на Кирил Божиновски, во одговор пред неговата адвокатка на последното рочиште кажа:
„Требаше да утврдам градежно земјиште од две парцели и да дадам проценка за идната инвестициска вредност на дел од земјиштето од 814 квадрати, кое во моментов е во сопственост на АД Бетон. Да утврдам и идна пазарна вредност на земјиштето. Вредноста ја утврдив врз основа на купопродажба на такво земјиште претходната година. И, по метод – вредност утврдена од Град Скопје, врз основа на сите купопродажби на земјиште во тој регион. Тоа не ја дава секогаш реалната пазарна вредност, зашто земјиштето зависи од карактерот на земјата и од правата што ги има тоа земјиште“, кажа тој.
Вредноста, продолжи да убедува вештакот на Божиновски и на Груевски, овде е многу повисока, особено ако се има предвид висината, катноста и процентот на искористеност на земјиштето, кое според него, било речиси 100-процентно искористено.
Но, на лице место искористеност (хотел) нема, туку само карабина. Со карабината или хотелот во обид, лепенка е огромна изградена и функционална зграда – седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во овој случај бил склучен договор за соинвеститорство. Процентот од изградената површина кој се отстапува на сопственикот на земјиштето зависи од атрактивноста на локацијата. Се работи за локација на Мал ринг во Центар, а според изводот од ДУП, се укажува и што може да се изгради. Една од двете парцели, таа од 814 квадрати, на која се изградил хотелски комплекс, има повисока вредност од административно-деловниот простор со 412 квадрати, кој е на ВМРО-ДПМНЕ“, упорно тврди вештакот под заклетва, алудирајќи дека на лице место има хотел.
САКАМДАКАЖАМ.МК денеска фотографираше, таму нема ни Х од хотел, има само огромно седиште на најбогатата партија во Европа ВМРО-ДПМНЕ и зад седиштето скелиња кои стојат цела деценија.
Техничкиот советник рече дека ВМРО-ДПМНЕ ги имала сите права на сопственост: да влезе во инвестиција, да гради, потоа да го продаде или да влезе во соинвеститорство. Според договорот за соинвеститорство ВМРО-ДПМНЕ, од целокупната изградена површина на земјиштето што го купила за само 110 евра квадрат, добила 43 отсто, а остатокот било предвидено да припадне на Бетон за да гради хотел.
Вештакот вооопто не спомна дека Бетон не смеел да гради тогаш, зашто во тој момент извршувал јавни набавки за државата.
Вештакот на ВМРО ДПМНЕ тврди дека метар квадратен на овој простор чини 5.300 евра. Тој го убедуваше судот дека вредноста на земјиштето на хотелскиот објект, кој не е изграден е особено вредна.
За споредба, на тој реон, моментално во ГТЦ метар квадратен деловен простор и тоа за дуќан, чини 2-3.000 евра.
„Вкупната вредност на објектот е 19-20 милиони евра. Ако се земе вредноста на 43-те проценти за отстапениот дел на ВМРО ДПМНЕ, произлегува дека вредноста на земјиштето кое му припаднало на Бетон е 8 милиони евра“, тврди вештакот за евтино купеното земјиште и за неизградениот хотел што зјае со години во карабина.
Судењето продолжува утре, следуваат вкрстени прашања од обвинителството – од каде ги извадил вештакот сумите за квадрат на земјиштето и неизградениот деловен простор.
С. К. ДЕЛЕВСКА